| четврток, 6 декември 2018 |

Од Татари до советски полтрони

 

 Предраг Димитровски

Предраг Димитровски

Историјата се повторува, некогаш како реалност, некогаш како фарса. А, некогаш, изгледеа, истовремено и како едното и како другото. Морам да признаам дека ни на сон не ми излегувало дека по нешто повеќе од 13 години ќе се најдам во ситуација да приповторам свој текст.

Вчера (29 мај 2018 година) напишав дека премиерот Зоран Заев мора да го заштити Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија и со тоа да го спречи секојдневното уривање на достоинството и понижувањето на Македонците. Зашто, ова што сега се прави од бугарска страна е далеку од здравиот разум и е неповрзливо со вистинско добрососедство, барем онакво какво што треба да се подразбере меѓу две европски земји и тоа на почетокот на 21 век. А, повод беа енигматските способности на поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов да ни објасни, што е компромис меѓу двете држави и патем, кои и што се Македонците!?

Па така, според него, компромис би било ако Бугарите прифатат дека дел од денешните граѓани на РМ се изјаснуваат како Македонци. Компромис е ако затвориме очите, вели Јорданов, што тие подразбираат под поимот Македонец – географска определба, како што е тоа случајот со Тракијците и Мизијците или историска определба – дека се деца на Александар Македонски. Ние ги прифаќаме такви како што денес се самоопределуваат, согласно Уставот кој го усвоиле. Тоа е нашиот компромис, истакнува Јорданов. Што значи дека не само македонскиот јазик, туку и Македонците, барем оние кои се прокламираат како такви, постојат само заради Уставот, што сме го усвоиле. Ако не бил Уставот, не би биле ни Македонците!?

Е, сега, чисто да не останеме должни и малку да ги развиеме нашите енигматски способности ќе се навратам 13 години наназад. Тогаш, како новинар во „Вечер„, напишав краток текст за тогашната рубрика „Вечер-спец„, а повод беше написот на мојата колешка Б.М. (се извинувам што користам иницијали, зашто немам согласност да го употребам нејзиното цело име и презиме) со наслов „За БТВ Македонците се Бугари и српски шпиони„. И тогаш, како и сега, на БТВ имало некоја емисија „Сблусук„ (Конфликт), чија тема на дебата била „Дали навистина постојат македонскиот јазик и македонскиот народ„. Притоа, главен заклучок на емисијата бил дека има два типа Македонци-едните се неписмени, а другите се „професионалци„, кои, всушност, се српски шпиони, кои се декларираат како Македонци за да си ги зачуваат работните места. Овој текст излезе на ден петок.

Во неделата, на дежурство, напишав текст со наслов „Колку типа Бугари има?„. Не беше долг и еве го повторувам:„БТВ во својата емисија, со чисто националистички предзнак, ете, „стручно и научно„ определила колку типа Македонци имало. Ако не сме знаеле, Бугарите ги поделиле Македонците како „неписмени и професионалци„. За првите нема никакви објаснувања, веројатно сметајќи дека етикетата доволно говори сама за себе, додека вторите ти биле „српски шпиони, кои се декларираат како Македонци за да си ги зачуваат работните места„. Чудна работа, секогаш кога работите барем политички ќе
тргнат на арно, ќе се најдат некои вжештени празноглавци, кои ќе фрлат дамка на се. Како што сега тоа се прави со штотуку отворениот бугарски културен центар во Скопје, чин со значење што го удостои токму бугарскиот претседател Георги Прванов.

Е, сега, за да ги развиваме малку и нашите енигматски способности може ли да се постави прашањето колку типа Бугари има? За загревање да почнеме од првиот тип-некултивирани и необразовани Татари. Како образложение нека послужи тезата дека нашите соседи од исток потекнуваат од дивите монголски племиња. Или, застарени природни комунистички сателити, кои „продаваат„ дозирана современа демократија на кафена лажичка. Ова како оставина од времето на едноумието, кога практикуваа советско полтронство од анален тип, а сега како демократи не можат да се помират со историскиот факт за постоење на посебно македонско национално малцинство во сопствените граници. Или…Туку, да не должиме многу, зашто сигурно, во зависност од инвентивноста, ќе произлезат многу типови Бугари, а во крајна линија важи правилото дека никој не е совршен„.

Интересно е што текстовите во „Вечер-спец„ излегуваа непотпишани. Но, тоа не беше пречка уште утредента, понеделнички, рано наутро, пред да почне колегиумот, по телефон да ме побараат, со точно име и презиме, од тогашниот бугарски неделник „Политика„ за заедничко, паралелно, интервју со водителот на емисијата „Сблусук„, Иван Христов. Нормално, се согласив, си кажавме што си кажавме со Христов и си ветивме дека заедно ќе се напиеме по едно кафе. За жал, до ден-денес кафето остана неиспиено.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top