| четврток, 6 декември 2018 |

„Отаде црнилото“ – самостојна изложба на Велимир Жерновски

Изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето

Во петок, 1-ви јуни, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје се отвора самостојна изложба на ликовниот уметник Велимир Жерновски насловена „Отаде црнилото“.

Изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето.

Но, Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се така црни“ дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за други светови?

Ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата Отаде црнилото, изложба што, освен од видео инсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината. Позадината на која тоа се случува е ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп Џејмс Веб, „најмоќниот времеплов“ што според НАСА, ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум.

Но, од него не се очекува само да го продлабочи нашето познавање на настанокот на вселената туку, според предвидувањата, тој би можел да биде и првиот телескоп што би „исцртал“ нови вселенски карти на кои би биле означени и сите планети кои еден ден, потенцијално, човекот би можел да ги насели. „Значи, како што вели Стивен Хокинг, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез ” констатира ликовната критичарка Љиљана Неделковска.

Велимир Жерновски работи цртежи, видеа, инсталации, интервенции во јавен простор и сценографии преку кои ги истражува поимите поврзани со популарната култура. Жерновски досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и САД.

Истата ќе биде отворена за јавноста до 1 јули 2018.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top