Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи преку својот фејсбук-профил објави видување за текот на преговорите за името. Милошоски вели дека за премиерот Зоран Заев многу поважен е еден негов советник отколку министерот Никола Димитров. Според фотографијата што ја објави Милошоски, се работи за Зоран Башановиќ.
Постот на Милошоски го пренесуваме во целост.
„Зошто еден советник на Заев е поважен во преговорите за името од Димитров?!
Според упатени дипломатски извори грчко-македонските преговори на 25 мај во Њујорк влегле во ќорсокак. Министерот Димитров најпрвин долго се обидувал да го убеди Коѕијас дека Republic of Ilinden Macedonia е единствениот достоинствен предлог за кој и тој лично е подготвен да лобира за ерга омнес и менување на Уставот, а со силна кампања истото да добие и поддршка од мнозинството граѓани на референдум. И посредникот Нимиц имал симпатии за овој предлог. Но Коѕијас не попуштил, аргументирајќи дека во Грција опозицијата е изрично против овој предлог.
Откако напорите на Димитров за Republic of Ilinden Macedonia пропаднале тој кажал дека за секоја од другите одредници, Северна, Горна или Вардарска, Македонија ја застапува двојната формула, без согласност за ерга омнес и без измена на Уставот. Грчката делегација ова го оценила како националистичка тврдоглавост и кажала дека со таков став преговорите губат смисла. За да не пропаднат преговорите, Нимиц дал пауза за консултации со премиерите.
Но, бидејќи Грците го претпоставувале ставот на Димитров, еден ден порано веќе стапиле во контакт со еден близок советник на Заев, контраверзна политичка фигура, агент на една НАТО држава, близок пријател на Вице и Трајче Заеви, а за кој се говори дека има свој посед и бизнис во Грција, како и дека е близок со Ципрас и неколку негови битни соработници.
Согласно инструкциите дадени од советниците на Ципрас, советникот агент навреме го подготвил Заев дека министерот Димитров ризикува со тврдоглавост да ги упропасти преговорите, посебно за изборот на новото име и за барањето за смена на Уставот. Главната поента на советникот била дека принципите на Димитров како министер не се поважни од кариерата на Заев како премиер. Но Заев бил потсетен дека за него и советникот и некои други битни странци знаат работи што не би било добро да ги дознае и јавноста.
Затоа во телефонскиот разговор Димитров – Заев на 25 мај, на министерот му било наложено да го одработи делот од договорот со Грција за чекорите за неговата примена, за тајмингот на изјавите од Грција до ЕУ и НАТО, за јазикот, а делот за новото име, за ерга омнес и за менувањето на Уставот да му го остави на Премиерот Заев. Така министерот за надворешни е буквално бајпасиран од советникот на Заев во однос на дијалогот за трите најбитни грчки барања:
– ново име со одредница по Грчка желба,
– ерга омнес и
– беспоговорна смена на Уставот.
Дипломатските извори укажуваат на тоа дека за овие три битни прашања главен преговарач, со овластување од Заев, е неговиот советник, кој заедно со советниците од кабинетот на Ципрас треба да одлучи дали државата од која зема советничка плата ќе се вика Северна, Вардарска или Горна Македонија и кога и како ќе преземе обврска да си го самоизмени Уставот во мирнодопски услови. Вчера (29 мај) преку овој советник и агент одела и организацијата на телефонскиот разговор Заев – Ципрас во кој првиот имал обврска да одбере меѓу Нова, Горна и Северна Македонија, а за националност јасно му било ставено до знаење дека не може да биде Nationality: Macedonian, како што е сега запишано во Обединетите Нации.
Лошата вест е што ова е многу големо понижување за Македонија.
Случајно или намерно истото е и деградирање на министерот Димитров, кој пред неколку дена даде изјава дека доколку не помине пакетот со Republic of Ilinden Macedonia тој ќе си поднесе оставка“.
Милошоски преку пост на фејсбук го објави наводниот план од 11 точки за пакетот за промена на името што бил договорен меѓу Димитров и Коѕијас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст