| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот мора да го запре понижувањето на Македонците

Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија е на добар пат да стане обично парче тоалет-хартија! Ако премиерот Зоран Заев не преземе конкретни чекори за да го заштити и таков каков што е потпишан, со сите негови слабости и маани, тој многу брзо ќе пропадне, уште пред да почне официјално да функционира мешовитата комисија за чистење на „заедничката историја”. И тоа не мора јавно да го стори. Може тивко и суптилно да му „дошупоти” на својот колега Бојко Борисов под итно да ја спуштат топката на земја и да престанат секојдневно да го уриваат достоинството и да ги понижуваат Македонците. Ова што сега се прави од бугарска страна е далеку од здравиот разум и е неповрзливо со вистинско добрососедство, барем онакво какво што треба да се подразбере меѓу две европски земји и тоа на почетокот на 21 век. Колку и да сакаме да ја гледаме чашата полуполна или полупразна, што би рекол премиерот Заев.

Поранешниот бугарски амбасадор во Република Македонија, Александар Јорданов, по примерот на неговиот претходник Ангел Димитров, уште еднаш избриша под со Македонците. Секако, во обид да не „просветли”. И да ни даде насоки како да ги читаме и толкуваме одредбите од Договорот за добрососедство. За жал, ова не е првпат од негова страна. Исто или нешто слично стори и со еден негов неодамнешен настап на БТВ. А, суштината лежи во неговите енигматски способности да ни објасни, што е компромис меѓу двете држави и патем, кои и што се Македонците!?

Па така, според него, компромис би било ако Бугарите прифатат дека дел од денешните граѓани на РМ се изјаснуваат како Македонци. Компромис е ако затвориме очите, вели Јорданов, што тие подразбираат под поимот Македонец – географска определба, како што е тоа случајот со Тракијците и Мизијците или историска определба – дека се деца на Александар Македонски. Ние ги прифаќаме такви како што денес се самоопределуваат, согласно Уставот кој го усвоиле. Тоа е нашиот компромис, истакнува Јорданов.

Значи, не само македонскиот јазик, според Јорданов, туку и Македонците, барем оние кои се прокламираат како такви, постојат само заради Уставот, што сме го усвоиле. Ако не бил Уставот, не би биле ни Македонците!? Аферим. Одлично, дури и браво за премиерот Заев, што се согласил не само за „заедничката историја„, туку и за македонскиот јазик и за Македонците како „производ„ чисто заради постоењето на Уставот на РМ, а не поради некаква нивна етногенеза, историја, традиција, култура… Затоа, ваквото читање на Договорот не води кон ништо друго, освен кон негово предвремено претворање во обична тоалет-хартија, што служи само за бришење г.. и л…а! А, тоа, нели, не е негова цел. Или е, ама нам се уште нема кој да ни каже? Зашто, премиерите Заев и Борисов сега се зафатени со размисли за отворање заеднички амбасади. Утре можеби и за заеднички спални. Соби, де, не лежаи.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top