| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ бара ребаланс на буџетот

Vanco Uzunov

Владата рано на есен да направи ребаланс на буџетот, кој ќе мора да содржи намалување на буџетската потрошувачка, со цел буџетскиот дефицит до крајот на годината да не биде поголем од планираните 3,5 отсто, предложи во опозициониот СДСМ.

Според потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов кратењето на буџетот не треба да се одрази врз платите и социјалните давачки, кои треба да останат на исто ниво, туку кратење да има кај непродуктивните и непотребните расходи.

Тој притоа не прецизираше колку точно пари треба да се скратат, бидејќи опозицијата немала увид во буџетските ставки.

„Опозицијата не е во можност да предлага колку точно пари треба да се скратат, затоа што за да предлагате конкретна бројка треба да имаме конкретен приказ на буџетот ставка по ставка, а тоа го немаме. Тие податоци се недостапни, затоа не можеме да кажеме конкретна бројка“, рече Узунов.

Оценувајќи дека задолженоста на државата била на граница сериозно да ја загрози иднината на државата, Узунов побара веднаш да се запре задолжувањето заради, како што рече, алиментирање на непотребни и непродуктивни буџетски расходи.

Потпретседателот на СДСМ побара и создавање на реални услови за поттикнување на домашните инвестиции, бидејќи, како што кажа, странските инвестиции не претставуваат замена на недоволните домашни (приватни) инвестиции.

„Пораст на домашните инвестиции не може да се направи само преку влијаење за намалување на каматните стапки на банкарските кредити. Туку, и на домашните бизнисмени да им се понудат поволни услови како и на странските, а потребни се и редица други мерки“, изјави Узунов.

Според него, растот на македонската економија од 2,9 отсто во првиот квартал не бил резултат на позитивни и одржливи придвижувања, туку на енормно трошење на буџетски средства и ниска споредбена основа со првиот квартал на 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top