| четврток, 6 декември 2018 |

Полицаец фатен на камера како тепа девојка при апсење (Видео)

Емили Вајнман (20) како и многу други Американци, го искористила продолжениот викенд по повод Денот на сеќавање на загинатите борци во САД, за да ужива на плажа со нејзината ќерка и момчето. Не очекувала дека денот за одмор ќе заврши со апсење и ќотек. Инцидентот бил снимен од случаен минувач.

Вајнман била уапсена за напад на полицаец, плукање на службено лице, нарушување на јавниот ред и мир и поседување алкохол под 21 година.

Според нејзината објава на Facebook, што подоцна или била ибзришана, или означена како „приватна“, сѐ почнало кога полицајците дошле на плажата во проверка за малолетници кои пијат алкохол. Доволената граница за купување и конзумирање алкохол во САД е 21 година.

Вајнман тврди дека имала неотворено пиво со себе. Откако била испрашана и го поминала алкотестот, таа ги прашала полицајците дали немаат попаметна работа отколку да застануваат луѓе поради пиење алкохол. Тогаш сѐ тргнало наопаку.

Според „Newsweek“ полицаецот побарал документ за лична идентификација и откако го одбила, ѝ кажал дека е уапсена.

„Ми рече дека ќе ме уапси и тргна кон мене за да ми стави лисици. Јас внимателно се тргав од него, свртена лице в лице и го довикував таткото на моето дете (тој си играше во океанот со нашата ќерка додека се случуваше ова)“, напишала Вајнман.

„Се сопнав и полицаецот ме залепи за земја и ми ја заби главата во песок. Ми се стемни и се борев како знаев и умеев, се обидував да станам и да го оттурнам од себе. Тогаш ме фати околу врат и почна да ме удира по глава“, го опишува девојката инцидентот.

Последниот дел од овој инцидент е снимен со мобилен телефон и на снимката може да се види како полицаецот ја држи Вајнман приклештена за земја и ја удира со тупаница по глава, а другиот полицаец ја држи за нозе.

На снимката се слуша како девојката беспомошно вика: „Не ви е дозволено така да ме удирате и гушите“. Додека ѝ ставаат лисици, таа вели: „Не направив ништо лошо.“

Шефот на полицијата Роберт Регабулто изјави дека видеото од инцидентот е алармантно, но дека не сака да избрзува со заклучоци додека трае истрагата.

Спроведена е внатрешна истрага, а полицајците од инцидентот се префрлени на административна должност и нема да работат на терен додека не заврши истрагата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top