| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Нема 500 евра плата, капиталните инвестиции паѓаат, буџетот се полни со покачената акциза на горива

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со членовите и симпатизерите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тетово. Тој пред присутните истакна дека оваа ненародна влада на чело со Заев мора да замине час поскоро, а како причина за тоа ги наведе сите предизборни лаги и празни ветувања.

Мицкоски посочи дека капиталните инцестиции се на катастрофално ниско ниво.

-Денес излегоа податоците за капиталните инвестиции. За 4 месеци владата има дваипол пати помалку капитални инвестиции од она што го сторила претходната влада истиот тој период лани. Значи го полнат буџетот со парите граѓаните, но не го трошат за капитални инвестиции што ќе значи раст на стопанството, туку за други непродуктивни трошења. А како го полнат? Собрале 23 милиони евра повеќе врз основа на акциза, а таа е акциза е онаа што ја покачија на почетокот на годината. Значи директно од џебот на граѓаните преку поскапување на горивото, одат во буџетот, кој гледаме како непродуктивно го трошат. Тоа е истата акциза за која ВМРО-ДПМНЕ бараше да се укине, а власта го одби предлогот, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека данокот на добивка се полни со инвестиции направени од претходната влада.

-Втората ставка по која што исто така ќе се пофалат е дека собрале повеќе средства во основ на данок на добивка, ама забораваат да кажат дека тие 25 милиони повеќе што ги собрале споредбено со минатата година се токму оние средства кои што „Џонсон Мети“ ги уплати во Буџетот како данок на добивка. Откако некој претходно успеа да го убеди Џонсон Мети да дојде во Македонија, да инвестира, да вработува и да стопанисува десет години и откако му заврши повластениот период да не плаќа данок на добивка, ова е првата година кога Џонсон Мети плати данок на добивка. И тие средства сега се уплатени во Буџетот на Република Македонија, кажа Мицкоски.

Претседателот Мицкоски објасни дека оваа криминална власт не само што не работи туку и прави штета на граѓаните. Картелот на власт не само што ја носи државата кон економски пропаст и банкрот туку нема реализирано ниту еден проект, ниту пак има најава за започнување на некој проект.

-Ние ја викаме Влада за еднократна употреба или Влада само за едно прашање, тоа е суштината. Ќе речат на крајот од нашиот мандат просечната плата ќе биде 500 евра. Ама забораваат да кажат дека издале документ кој се вика фискална стратегија каде и што предвидуваат во 2018 година просечната номинална плата ќе расте за 4%, а во 2019 и 2020 ќе растат 4,4% соодветниот период. Или ако ја видиме просечната плата во 2017 која што изнесува 23.850 денари, со овие покачувања кои што економијата ќе ги генерира на крајот од 2020 година под услов да немаме предвремени парламентарни избори, просечната плата ќе биде околу 27 илјади денари. Повторно кажаа и повторно излажаа, а ветуваа 500 евра плата. Имаме влада која што лаже, ама додека лажи суши од лажење, ете тоа е ситуацијата со која ние се среќаваме во економијата, истакна Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top