| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската историска комисија молчи по провокациите од Софија

Не чувствувам никаква одговорност што гласав „за„ договорот за добрососедство со Бугарија, вели за Алфа пратеничката на СДСМ, Ирена Стефоска – историчар по професија, и соработник во Институтот за национална историја, на неколкумина од историчарите од македонскиот дел на мешовитата комисија со Бугарија за ревизија на македонските учебници.

После вчерашното признание на бугарскиот историчар и шеф на тамошниот тим на експерти, Ангел Димитров за Алфа, дека ќе треба да се менува македонската историја,а ако не патот кон ЕУ за нас е неизвесен, за Стефоска е неважно.

-Сум го гласала бидејќи сум сметала дека треба да го гласам, а за ова за кое зборува бугарскиот претседател на комисијата, најдобро е да почекаме да се произнесе шефот на комисијата од македонската страна, вели Стефоска во телефонски разговор за Алфа.

Ниту таа ниту историчарите од македонскиот тим не сакаат да одговорат на антимакедонските ставови на Димитров, оти за тоа требал да се произнесе македонскиот шеф академик- Драги Ѓоргиев.

И додека надлежните во земјава молчат, Димитров отворено кажа дека со договорот Македонија се откажува од барање на македонско малцинство во Бугарија. И Стефоска како и Заев, упорно тврдат дека такво нешто во договорот нема. Пратеничката остро го негираше ова за Алфа.

-За какво откажување зборувате. Прочитајте го договорот и ќе видите дека такво нешто нема, вели Стефоска за Алфа.

Но членот 11 став 5 од Договорот е демант на нејзиното тврдење.

Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија.“ се вели во ставот 5.
Овој член во пракса значи дека ако некој државјанин на Бугарија кој е Македонец -се соочува со било каков проблем заради неговото изјаснување, не смее да бара ниту да добие некаква заштита од Македонија. Ниту пак Македонија смее да му пружи.

Додека јавноста чека дали и што ќе одговори академик Ѓоргиев кога ќе се врати од пат, Димитров непрестајно форсира антимакедонски тези, нагласувајќи дека „македонизмот е мит создаден во Југославија што сега ја спречува целосната комуникација меѓу двете земји.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top