| четврток, 6 декември 2018 |

Дејан Трајковски: Дон Кихот отсекогаш бил потребен, а во ова обездушено време, повеќе од кога било

Во присуство на амбасадори, писатели, издавачи, преведувачи, уметници, љубители на пишаниот збор, синоќа во Даут-пашиниот амам, свечено беше отворено 6-то издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Годинава гости на фестивалот се пет врвни  автори од Балканот, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија.

Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој говореше за култната книга на Басара, „Фама за велосипедистите“, каде еден од неговите ликови станува крал и Басара објаснува дека сакал да стане крал, за да ја избегне просечноста.

– Но, ликот и покрај тоа останал просечен. И токму тука го наоѓам оправдувањето меѓу другото, за постоењето на овој фестивал и за постоењето на нашите драги гости, бидејќи кој друг ќе се бори против просечноста. Дон Кихот отсекогаш бил потребен, а во ова обездушено време, повеќе од кога било. И затоа ве молам аплауз за Дон Кихот, нашите гости писатели-  рече Трајкоски.

За делата на гостите зборуваа Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ и писателите Александар Прокопиев и Владимир Јанковски.

Претставувајќи го Худолин како писател, прозаист, сценарист, колумнист и новинар, Лафазановски рече дека во Македонија на македонски јазик има објавено три книги, а се задржа на „Разузданост“ и „Посинок“, во превод на Игор Исаковски.

На прашањето дали денес може да се живее од книжевност, тој одговори:

„Не пишувам романи за хонорар веќе 15 години. Платата е мала, но доволна за да преживеам. Иако пишувам романи за политика – се пошегува Худолин и порача дела хуморот е спас за целиот свет.

Јанковски говореше за хрватскиот писател Перишиќ, кој пишува и книжевни критики и коментари. На македонски јазик се објавени два негови романи, „Нашиот човек на теренот“ и „Подрачје без сигнал“.

-Перишиќ е автор кој прави необични, често гротескни споеви меѓу локалното и глобалното, со нишка која е општетсвено и критички настроена- рече Јанковски.

На неговото прашање дали смета дека литературата денес мора да биде критичка и колку е голема нејзината субверзивна моќ, Перишиќ одговори :

– Кога кажуваме за нешто дали треба или не, дали книжeвноста треба да е критична или кој било да биде ваков или онаков, тоа е една позиција однадвор. Работите си доаѓаат сами по себе, јас не пишувам затоа што мислам дека така треба, туку така излегува. Ако човечките приказни се тужба за општеството, тогаш излегува дека се критички. Мене ме интересираат приказни кои ме повлекуваат затоа што во нив има однос кој е мој. Верувам дека книгите треба да имаат влијание на читателите и малку да ги променат нештата.

Фросина Пармаковаска е, како што рече Прокопиев , една од најдобрите писатели од младата генерација. Таа вели дека од мала знаела дека ќе биде писателка. Почнала со песни, па по завршувањето на факултетот напишала раскази од десетина страници, па подолги раскази, па новела.

– Откако ја напишав ’Вишновата хроника’, имав чувство дека се чувствувам удобно во таа форма, во таа земја и сега засега ќе останам тука- рече Пармаковска и откри дека веќе има идеја за новиот роман и набрзо ќе почне со пишување.

Претставувајќи ја босанската писателка Каламујиќ, Јанковски рече  за нејзиното творештво е карактеристично дека прави комбинација од личното искуство во општествен контекст и женските автори низ историјата.

– Пред сама да се одредам, ме одредија како некоја која пишува квир литература или феминистичка книжевност. Никогаш нема да се одречам ниту од еден свој идентитет, па ниту во уметноста. Ќе ме одредуваат како што ќе ме одредуваат. Мојот интимен однос спрема книжевноста е дека целиот свет е отворен простор и има уште многу за кажување- рече Каламујиќ.

Турската писателка Ајфер Тунч е најпозната по романите  „Дволична сексуалност“, „Девојката од насловната страна“, „Ноќ на зелената вила“, а во 2003 година ја доби престижната меѓународна награда „Балканика“.

Лафазановски ја праша Тунч каков  е нејзиниот став за традицијата на мажите и модерноста на жената.

– Во Турција имаме многу писатели кои пишуваат за авантурата на модерната жена, која се обидува да се интегрира во општествениот живот, додека јас сум во потрага по трагедијата, по животите кои останале под сенка. Се обидувам да ги најдам приказните за жените кои сакаат да си го променат животот- рече писателката.

Прокопиев за крај на вечерта, сподели анегдота од познанството со Басара, за кој рече дека е навистина среќен што ја добива наградата „Прозарт“.

– Пред 4-5 години, присуствував на една средба за време на саемот во Белград, меѓу Басара и Миљенко Јерговиќ, исто така наш добитник на ’Прозарт“. Басара му рече : – ’Ајде да напишеме заедничка книга“. За една година  излезе една прекрасна книга, што е книга на кореспонденција, која не е ставена во никакви политички канони, туку е  во каноните на слободната индивидуална супериорност. Ете тој супериорен автор вечерва на сите ни  недостига – рече  Прокопиев.

Годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во балканската литература, легендарниот српски писател Светислав Басара во последен момент  поради здравствени причини го откажа доаѓањето во Скопје.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ продолжува денес во ЕУ инфо центарот, каде во 11 часот ќе се одржи тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“.

Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за денеска, во 18.30 часот.

Тројцата врвни издавачи од „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top