| четврток, 6 декември 2018 |

Ајфер Тунч, турска писателка: Не пишувам за да бидам најчитан автор

Ако пишувате за поп-културата или пак ви е многу важно да бидете листата на најпродавани автори, а користите маркетинг и односи со јавноста и ако имате малку среќа, тогаш да, може да живеете само од писателска работа. Јас пишувам за одбрана публика, а е не за да бидам најчитан автор, вели во интервју за „Република“ Ајфер Тунч, турска писателка, која е гостинка на 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-За Балкан“ што ќе се одржи од утре, 27 мај и ќе трае до 29 мај во Скопје.

Гости на „ПРО-ЗА Балкан“ се уште петмина врвни автори од Балканот. Романсиерот, раскажувач, есеист и драмски писател Светислав Басара од Србија е годинашен добитник на наградата „Прозарт“, потоа Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од БиХ.

Тунч е родена во 1964 година во Адапазари. Нејзиното прво дело е издадено додека сѐ уште студирала на Универзитетот за политички науки во Истанбул. Во 1989 година ја освоила престижната државна награда „Јунус Нади“ за кратки раскази. После работењето како главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Јапи Креди“ помеѓу 1999 и 2004 год., се посветува само на пишувањето. Покрај нејзината работа на тв-сценарија, Тунч има напишано и неколку романи и збирки кратки раскази, многу од нив преведи на други јазици. „Азиз беј инцидентот“, збирка на кратки раскази, беше објавена од британскиот издавач „Истрос“ во 2013 година. Таа е добитник на наградата „Балканика“ во 2003 година.

Со Тунч разговаравме за темите кои ја интересираат, за состојбата на турските писатели, но и писателки во нејзината држава и дали во оваа земја може да се живее само од пишување.

– Ако вашата цел е висококвалитетна литература и ако не им се умилкувате на читателите и не им го давате она што тие го бараат од вас, тогаш не е можно да живеете само од пишување. Никогаш не помислив дека можам да живеам само од пишување. Пишувањето книги не е мој единствен извор на приход – вели Тунч.

Сепак, важните работи се суштината на текстот и тоа е она што го тера писателот да пишува и да поставува прашања, вели Тунч

Госпоѓо Тунч, дали првпат доаѓате во Македонија? Дали познавате некои македонски писатели или поети? Какво е вашето предзнаење за македонската литература?
ТУНЧ: Да, прват доаѓам во Макеоднија. Од секогаш сум сакала да дојдам, но никогаш не ми се пружила шанса да ја посетам вашата земја. За жал, морам да признаам дека немам големо предзнање за македонската литература вооошто. Никогаш досега не сум прочитала песна од некој македонски поет, освен неколку песни кои сум ги сретнала во некои литературни магазни. Откако се заинтересирав, истражив дека македонските поети ретко се преведени на турски јазик. Навистина се надевам дека во иднина ќе прочитам повеќе македонска литература преведена на турски јазик.

Во 2003 година ја добивте наградата „Балканика“ за романот „Азиз Беј инцидентот“. Оваа награда е многу ценета кај нас. Што може да ни кажете за овој роман?
ТУНЧ: Бев многу благодарна кога ја добив оваа ценета награда која ја доделуваат балканските писатели. Во романот се говори за секојдневниот живот во Турција и соседните земји во 70-те години минатиот век. Многу од она што се случуваше и низ што поминавме, исчезна во последните 50 години. Како живеевме пред да се појави телевизијата, ланците на светски познатите маркети, интернет, мобилните телефони? Тој роман говори за времето кога оваа технологија не беше дел од секојдневието на животот на луѓето. Тоа беше роман кој говореше за среќно детство во Турција и читателите во мојата земја уживаа во него. Исто беше и со балканските земји.

Пишувате кратки раскази, романи, сценарија за телевизија. Повеќе од две децении живеете само од пишување. Кои теми ве интересираат? Дали ви е поблиска сегашноста или минатото?
ТУНЧ: Мојата прва книга беше издадена во 1989 година, што значи дека пишувам веќе 29 години. Ме интересираат работите кои се важни. Темата е само алатка, а тоа за мене значи да го изразам своето мислење. Сепак, важните работи се суштината на текстот и тоа е она што го тера писателот да пишува и да поставува прашања. За мене многу се важни човечките односи. Главно пишувам за сиромаштијата, моралот, потценувањето, моќта и владеењето, семејните проблеми и злото во човекот. Ова се безвременски теми. За нив се говори и се пишува од постоењето на човекот. И во иднина ќе се отвораат овие прашања. Ако пишувате или издавате книги на овие теми, мора да го имате предвид времето како целина, бидејќи секое прашање има корени во минатото, а влијае врз сегашноста и иднината.

Може ли денес во Турција да се живее само од писателската работа?
ТУНЧ: Ако пишувате за поп-културата или пак ви е многу важно да бидете листата на најпродавани автори, а користите маркетинг и односи со јавноста и ако имате малку среќа, тогаш да, може да живеете само од писателска работа. Но, ако вашата цел е висококвалитетна литература и ако не им се умилкувате на читателите и не им го давате она што тие го бараат од вас, тогаш не е можно да живеете само од пишување. Никогаш не помислив дека можам да живеам само од пишување. Пишувањето книги не е мој единствен извор на приход. Јас пишувам за одбрана публика, а е не за да бидам најчитан автор.

Студиравте политички науки, а работите како писател. Каков е денес статусот на писателот во Турција? А каков е статусот на писателките?
ТУНЧ: Многу ми е мило што студирав политички науки. Благодарение на унверзитетската диплома, како автор, имам голема културна основа која ја вклучува политичката историја, економијата, правните науки и социологијата. Слободно можам да кажам дека литературата во Турција се уште е добро почитувана област. Згора на тоа, Турција се уште има мал, но навистина квалитетен број на читатели и покрај нејзината популација. Според моето мислење, оваа ситуација покажува дека нашите писатели можат да влијаат на читателите во Турција и покрај тоа што не се мнозинство. Како и да е, сите ние сме во нова ера, сега која дојде дигиталното време и која вклучува повеќе слики отколку зборови. Тоа значи дека литературата има малку место во светот и не влијае на луѓето онака како што беше додека растев јас. Во Турција, женските автори се многу кфалификувани во секој поглед. Но, не можеме да гледаме на ова сосема позитивно, бидејќи писателската популација ја загуби моќта на влијанието и ја намали својата морална и материјална придобивка и мажите од литературниот свет не се обидуваат повеќе да ги блокираат жените. Можеби поради ова жените се повеќе присутни и можат полесно да допрат до читателите, а мажите пак, од друга страна, се повеќе присутни во филмската индустрија.

Ајфер Тунч: Сите ние сме во нова ера, сега која дојде дигиталното време и која вклучува повеќе слики отколку зборови

Вашиот роман, „Ноќ зелената вила“ е роман за една жена која ја користи својата убавина за да се одмазди на оние кои ја повредиле. Дали може да се чита и како роман кој се бунтува против женскиот принцип?

ТУНЧ: Денес во време кога убавината стана индустрија и тоа им го наметна на сите жени во светот, повеќе е клетва и тешкотија која го блокира вистинскато постоење на жената. Убавината не е нешто што се дели од женскиот проблем. И женското прашање не е поинакво од социјалното распаѓање. Во „Ноќ зелената вила“ сакав да го покажам нашето социјално лицемерие со храбра и силна жена.

Модерната турска литература во последните години стана позната поради авторите Орхан Памук,но и поради Елиф Сафак. Што значат овие писатели за вас?
ТУНЧ: Тоа што се познати во светски рамки, не значи ништо посебно за мене. Јас многу сакам да го читам Орхан Памук, но не гледам на нив поинаку од другите. Навистина имам надеж за денешната турска литертура, бидејќи некои од нашите млади автори имаат храброст, моќ… Повеќето од нив се жени и тие навистина се многу вредни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top