| четврток, 6 декември 2018 |

Спорот со името пред решение: Саше Политико му пушти мудрост на Никола Димитров

Голем одзив во јавноста по барањето од страна на министерот Никола Димитров за „пуштање мудрост и нерви“ кои граѓаните треба да му ги пратат во пресрет на преговорите во Њујорк за промена на името на Република Македонија. Набргу откако Димитров на Фејсбук напиша: „Пуштете ми мудрост и нерви“ во пресрет на новата рунда преговори, објавувајќи дека е во авион за Њујорк, бројни граѓани се собираа на разни места низ државата заеднички да му пратат мудрост и нерви до Њујорк, за да изнајде што покреативно решение за промена на името на државата.

Еден таков собир се одржа и во стариот дел на градскиот парк во Скопје, каде група од 30-тина луѓе доброволци седнаа во круг околу едно дрво, го гушнаа дрвото држејќи се за раце за да биде посилно пуштањето мудрост до Њујорк и започнаа со скандирање „нема мудрост – нема мир“, како и „не се нер-ви-рај, не се нер-ви-рај“. Граѓаните кои соопштија дека се познаваат од Фејсбук и Твитер беа расположени да овозможат дел од своите мудрост и нерви да му бидат на располагање на министерот Димитров.

Меѓу граѓаните забележано беше и присуството на познатиот медиумски работник Саше Политико кој заинтересирано зема учество во дел од овој важен процес за Македонија, но како што нагласи тој дошол тука само за да пушти мудрост, а за нервите би замолил ако се соберат одвишок нерви за Димитров, еден дел да му се пратат на негова сметка, бидејќи од нерви имал огромна потреба и тој самиот.

– Знам како му е на министерот Димитров, тој прекрасен голем цар, крал и шампион, прејак лик каков што немало во Македонија, освен премиерот Заев кој е веројатно најсилен цар шампион најјак човек што постои на светот. И така, искрено и јас некогаш чувствувам дека имам потреба од нерви, и можам да замислам како му е сега на големиот Димитров. Меѓутоа поддршката од мене секогаш ја има па бидејќи му фали и мудрост, дојдов да дадам дел мудрост од мене во напорите за изнаоѓање супер јако ново креативно име за Република Македонија, а за нервите тешка работа, би сакал да ми позајми он ако му пратат луѓево повеќе отколку што му требаат, изјави Политико за својот портал.

– И навистина не знам што ќе му се толку нерви, не треба да се нервира воопшто, сите знаеме дека Грците ни мислат најдобро и дека кое и креативно име да го смислиле за нас е сосема сигурно најдоброто и треба да го прифатиме бидејќи со промена на името ќе има 5000 евра плата во Македонија, додаде Политико апелирајќи до Димитров да го распредели братски вишокот нерви кои ќе ги добие, по принципот „Една нерва за Сашето“.

Перо Ковач

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top