| четврток, 6 декември 2018 |

Бошњаковски: Блиндираниот Мерцедес нема да се продава додека е предмет на судски процес

Постапката за продажба на блиндираниот мерцедес е стопирана, како што веќе беше соопштено, бидејќи судскиот процес е во тек и до негово завршување и добивање допис дека тој повеќе не е предмет на судски процес ќе излеземе со нови информации, изјави портпаролот Миле Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање дали возилото ќе остане за потребите на Владата зашто се користи за превоз на високи странски функционери.

Портпаролот смета тоа не е единственото возило во МВР со безбедносни стандарди за заштита на високи делегации кои престојуваат во Македонија но, рече, не може да го потврди тоа.

Во врска со подготовките за формирање Оперативно-техничка агенција, која треба да почне да работи во ноември, Бошњаковски одговори дека процесот е во Собранието и пред два дена е објавен огласот за именување директор.

– Во моментов Собранието донесе одлука да се објави јавен оглас за именување директор на оваа агенција и тоа е постапка во Собранието, рече владиниот портпарол.

Владата на вчерашната 69-та седница донела одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште за изработка на проектот за инфраструктура за изградба на главен доводен цевковод во полошкиот регион кој ќе покрие повеќе општини.

Бошњаковски денеска на прес-конференцијата соопшти дека вчера е донесена и одлука за вработувања на неопределено време во основните и средните училишта, формирана е работна група за решавање на проблемот со линданот во АД Охис и дека е усвоена информација за формирање работна група што ќе подготви документација за спроведување тендерска постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top