| четврток, 6 декември 2018 |

Амди Бајрам ја спасува државата: 27.000 Македонци се враќаат дома до крајот на мај

Повеќе од 27.000 македонски граѓани решија да се вратат во татковината откако по реконструкцијата на владата се убедиле дека животот навистина ќе дојде во Македонија.

Податоците кои пристигнаа од стотици авио-компании од целиот свет велат дека во моментов најбарана авионска карта во светот е токму таа за пат до Македонија. Авио-операторите преброиле повеќе од 27.000 авионски карти во еден правец до Македонија кои се купени во изминатото деноноќие, поради што сите големи светски авио превозници решиле да пренасочуваат авиони од редовните дестинации кон Меѓународниот аеродром Скопје во Скопје и кон сеуште непреименуваниот аеродром во Охрид.

Но, овие 27.000 граѓани се само првите од 600-те илјади иселени, бидејќи се’ уште се купуваат карти за јуни, јули, август и месеците по нив. На големо се враќа животот во Македонија, коментираат сите, додека брзаат да не го пропуштат неговото доаѓање. Прогнозите се дека до средината на октомври сите 600.000 луѓе кои се иселиле од Македонија ќе се вратат дома, но процесот на населување во Македонија тука нема да запре.

Како што дознаваме, овој голем бран на луѓе кои ќе се враќаат во Македонија дојде набргу откако при реконструкцијата на владата на Република Македонија, господинот Зоран Заев одлучи во неа да го вклучи и господинот Амди Бајрам.

Еден од најсреќните кои успеале да најдат авионски карти за мај ја раскажува својата приказна:

– Видете, ние реално ја резервиравме нашата карта за враќање во Македонија уште веднаш откако командантот Хоџа беше назначен за советник за национална безбедност на Господинот Заев. Сфативме дека тоа е моментот кој го чекавме. Кога ја укинаа радио-дифузната такса помислив дека можеби е време за враќање во татковината, кога ја воведоа ефтината струја од 2 до 4 попладне веќе бев сигурен дека наближува моментот, но со назначувањето на командантот Хоџа одлучивме дека веднаш мораме да побрзаме да се вратиме во Македонија додека не поминал животот кој многу силно започна да доаѓа, знаете, да бидеме од првите кои ќе уживаат во животот. И што да ви кажам… Се шокиравме кога после само неколку дена поднесе оставка од функцијата. Шок и неверување. Се тресев кога дознав за тоа. Во таа депресија која не зафати дури размислувавме да го откажеме летот и враќањето дома, но за среќа задоцнивме со тоа поради некои обврски на работното место, раскажува возбудено и додава:

– И таман кога мислевме дека се ќе пропадне, и авионски карти и планови и живот и се’, сопругата ми се јави да ми каже дека Амди Бајрам влегол во владата на Господинот Заев. Се расплакав кога го слушнав тоа. Не ми се веруваше. Ја прашував дали е сигурна, дали е вистина, а таа врескаше од радост и ми викаше – Не сонуваш, не сонуваш, вистина е! ВИСТИНА Е! Што да ви кажам… Веднаш му се јавив на шефот да му соопштам дека давам отказ, а сопругата излезе од работа и им кажа дека не се враќа повеќе. Кога пристигна во домот сопругата се прегрнавме со неверување и солзи ги разбудивме и децата и сите заедно славевме до доцна во ноќта. Морам да признаам дека паднаа и неколку чочеци во славењето! Овие неверојатни новости за нас се од животно значење, конечно се враќаме дома бидејќи дојде живот за сите во Македонија, изјави Крис Ристевски, претставник на втора генерација на Македонци во Австралија.

– Сонот на мојот дедо кога пристигнал во Сиднеј пред 56 години денес се остварува. Денес конечно откако Амди Бајрам влезе во владата и ќе го менуваме името, јас можам да кажам дека е време да се вратам и да уживам во Македонија. Едвај чекам, не знам што повеќе да ви речам, многу сум возбуден, додава Крис.

Бум забележува и пазарот на недвижнини на кој се бара стан или куќа повеќе во Македонија, бидејќи сегашните капацитети нема да може да ги задоволат сите 600.000 и повеќе граѓани кои ќе се вратат во Македонија. Особено затоа што покрај заминатите Македонци, во земјава после доаѓањето на животот се подготвуваат да пристигнат уште стотици и стотици илјади граѓани од целиот свет, сите до еден нетрпеливи да започнат да живеат токму во Македонија. И се тоа благодарение на политиките и одлуките на господинот Зоран Заев, велат задоволните луѓе од целиот свет.

Пиперка Ајварка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top