| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави „Историја на порнографијата“ од хрватскиот писател Горан Трибусон

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува објавувањето на романот „Историја на порнографијата“ од хрватскиот писател Горан Трибусон. Првпат објавен во 1988 година, романот важи за едно од најзначајните современи хрватски прозни дела. Преводот на македонски е на Владимир Јанковски.

„Историја на порнографијата“ е прекрасна и топла приказна што го следи растењето на една група пријатели од нивните најрани денови до стапувањето во брак. Пред нашите очи паралелно изминуваат сите настани што биле важни за нив од 1950-тите до 1980-тите години – појавата на првите рок-плочи, долгите коси, увозните фармерки, љубовите, политиката и, на крајот, порнографијата, која е некаков изместен лајтмотив на целата книга.

Трибусон е брилијантен во детаљот и во водењето на приказната, духовит во поставувањето на дијагнозите и сугестивен во оцените. Читателот во речениците на неговиот раскажувач ги чита сопствените коментари. Сите тие порано поинакви луѓе, успешни или неуспешни, почитувани или презрени, од своите животи го направиле спротивното од тоа што имале намера да го направат.

Книгата ги оживува носталгичните, сентиментални сеќавања за поранешна Југославија со полна сила. Со ова антологиско дело Горан Трибусон трајно ја освоил читателската публика и како автор станал познат низ целиот Балкан.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Горан Трибусон (1948) е хрватски писател. Магистрирал филмологија. Работел како уредник во „Школска книга“. Редовен професор е по филмско сценарио. Пишува телевизиски и филмски сценарија. Член е на Хрватската академија на науките и уметностите. Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците. Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето.

Владимир Јанковски (1977) е писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Објавил пет авторски книги. Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и од англиски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top