| четврток, 6 декември 2018 |

Случај „Титаник“: Кривичниот закон налага да се почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права

Нема основ обвинението за случајот „Титаник“, а обвинетите се невини, тврди одбраната во овој случај кој го води Специјалното јавно обвинителство. Според нив дека делата од обвинителниот акт не се сторени, како и оти согласно Кривичниот закон мора да се почитуваат одлуките на европскиот суд за човекови права.

Инаку, кон средината на месецов, во сила стапи Законот за измена и дополнување на законот за судовите, според кој, судот е должен да ги земе предвид и да посвети посебно внимание на праксата на Европскиот суд за човекови права и ставовите изразени во конечните пресуди. Особено имајќи ги предвид одредбите од Законот за измена и дополнување на законот за судови.

(Службен весник бр.83 од 08.05.2018), каде законодавецот во членот 17 предвидел дека еден од основите за разрешување на судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон се смета дека е исполнет ако:

-Е донесена пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права во која е утврдена повреда од членовите 5 и 6 од Европската конвенција за човекови права.

А во членот 18 предвидел дека доколку судијата при одлучувањето не ги применува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права, се смета дека прави потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија како основ за разрешување.

Инаку, покрај невиноста на обвинетите која ја потенцираат од одбраната, пречка за донесување на било каква потенцијална пресуда е европското право, кое вели дека лицата кои се аболицирани, како во случајот „Титаник“ не можат да бидат осудени. Еднаш дадената аболиција од претседател на државата не може да биде повлечена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет.

Околу овој дел на европското право се осврна и професорката по уставно право, Тања Каракамишева, таа коментира дека ова правило кое го примени грчкото судство е правило кое важи во секоја правна држава, односно дека истото е правило и дел и од домашното казнено право.

-Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. Тоа многу добро го знаат експертите по Меѓународно кривично право, врховните судии на Грција, но и македонските професори по Казнено право кои во своите учебници ова го имаат многу убаво објаснето, но за жал не сакаат да го кажат во јавност, вели Каракамишева.

За ова правило во својот учебник по Казнено право пишува и професорот Владимир Камбовски.

-Станува збор за клучно правило во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право кое има своја позадина во заштитата на општиот правен стандард-потребата да се почитува начелото на правната сигурност во државата. Ова го имав констатирано и во времето кога претседателот Иванов беше присилен од некои фактори да ги повлече веќе дадените аболиции, и тогаш реков, и сега потврдувам дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена, коментира професорката.

Таа и додава дека правната сигурност на граѓаните, но и правната сигурност која институциите се обврзани да ја штитат е врвен принцип во секоја правна држава.

-Ако Македонија сака да биде правна држава мора да ги почитува овие општи правни стандарди кои се применуваат во сите демократски држави каде се почитува владеењето на правото, изјави Каракамишева.

Во „Титаник“ обвиенти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top