| четврток, 6 декември 2018 |

Утре пресуда за Заев, во среда за Груевски

Кривичниот суд во понеделник ќе ја објави пресудата за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, а два дена подоцна, во среда ќе биде објавена и пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“.

На минатото рочиште за „Поткуп“ обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп.

Обвинителката за ова кривично дело побара од Судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор.

Според Бислимовска од сите изведени докази во главната расправа не произлегло дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката кажа дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.

Адвокатот Филип Медарски пред Судот посочи дека од доказите на Обвинителството и од изјавите на сведокот Иван Николов не произлегува дека Заев побарал пари и поради тоа побара обвинетиот да биде ослободен од обвинението.

Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top