| четврток, 6 декември 2018 |

Еди Рама ја критикуваше ЕУ: Вие сте царството на досадата

Премиерот на соседна Албанија, Еди Рама изјави во Софија дека за него вчера бил навистина тежок ден, затоа што неговата земја не добила потврда на датумот за почеток на преговори за членство во Европската унија.

Еди Рама порача дека за целиот регион е важно да напредува кон Европската унија. Рама кога беше најавен за говор, на момент излезе од салата, а потоа се врати и порача:

„Жал ми е што ме чекавте. Барем некој и нас да не чека, затоа што ние вас долго ве чекаме“, изјави Еди Рама и порача дека „овој регион има посебно чувство за живот“.

„Ние во нивното царство на досадата можеме да внесеме малку живот, а потоа ќе следуваат сите стандарди, критериуми, мерила“, изјави Рама.

Според Рама, напредокот кој што е остварен на Балканот во последните четири – пет години е историски и наведе дека во Белград веќе се сретнале албанскиот и српскиот министер за туризам и потпишале важен договор за заедничка работа на туроператорите.

„Има се повеќе интерес за регионот, некаде помалку, некаде повеќе, но тоа е тренд кој што само позитивно се развива. Многу е важно да не го загубиме трпението, затоа што за нас е од клучна важност да напредуваме кон Брисел и што повеќе од нас да станат дел од тој клуб“, изјави Еди Рама.

„Тоа е напорен и болен процес, не е фер, на секој чекор се чувствува неправедност, но така е како што е. Треба да продолжиме да се движиме кон Европската унија. Се надевам дека нашипт регион ќе ја задржи вербата во овој фантастичен и невротичен проект на ЕУ и дека нема да ја загубиме смислата за хумор на тој пат“, изјави Рама.

„Се чини дека балканската клетва продолжва. Кога тие беа отворени, ние бевме затворени. Сега е обратно, но се надевам дека двете страни ќе имаат исто чувство за простор и кога конечно ќе стапиме во брак“, порача Еди Рама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top