| четврток, 6 декември 2018 |

За Мицотакис името Република Илинденска Македонија е иредентистичко

Лидерот на грчката опозициска партија Неа демократиа, Кирјакос Мицотакис и поранешниот министер за надворешни работи, социјалистот Евангелос Венизелос го отфрлија предлогот „Република Илинденска Македонија” како иредентистички, пишува весникот „Катимерини”.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во телефонски разговор го информирал Мицотакис за името за кое разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев во Софија, но реакцијата од опозицискиот лидер била негативна.

Извори од Неа демократиа изјавиле дека Илинден се поврзува историски и директно со напорите за формирање, како што пишува весникот, „македонска” држава која го вклучува Солун и се протега до Егејско Море.

Од друга страна, Венизелос рекол во парламентот дека тоа име е „олицетворение на иредентизам”.

Според весникот, Ципрас наводно му рекол на Заев дека новиот предлог за име треба да се разгледа и нагласил дека очекувањата треба да се држат на ниско ниво.

Ципрас за новиот предлог за решение за името треба да го информира и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top