| четврток, 6 декември 2018 |

750 грипозни за една недела

свински грип

Само во последната недела во Институтот за јавно здравје се пријавени 750 случаи на болни со симптоми на грип, пренесува весникот „Нова Македонија“.

На Клиниката за инфективни болести вчера почина 62-годишен маж од Тетово, кој имал свински грип.

Засега на одделението за инфективни болести има три пациенти со свински грип, меѓу кои и мало дете. Вирусот се шири сѐ позабрзано, а епидемиолозите очекуваат бројот на болни и понатаму да расте.

– Пациентите на интензивна се критично болни, но во нешто постабилизирана состојба за разлика од приемот. Од нив еден има хронични заболувања, а двајца се на помлада возраст без хронични заболувања , вели Д-р Сања Маринковиќ-Петрушевска од Клиниката за инфективни болести.

Д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство информира дека од понеделникот до вчера има лабораториски докажани 22 нови случаи со вирус на грип, од кои 19 се од типот А, кој се смета за поопасен, а три се од типот Б.

– Само во последната недела во Институтот за јавно здравје се пријавени 750 случаи на болни со симптоми на грип. Тоа е знак дека бројот на заболени се зголемува. Во следниот период ќе очекуваме уште поголем број заболени – рече Костовска.

– Нема магично стапче што гарантирано ќе нѐ заштити од вирусот. Мора да бидеме внимателни. Треба да се зголеми хигиената, редовно да се проветрува и да се мијат рацете. Околу 80 проценти од болните вирусот ги нападнал додека биле во близина или во контакт со заразен, а околу 20 проценти го добиле преку предмети. Имено, вирусот на грип може да живее по неколку дена во средината. Затоа и се советува почесто чистење и дезинфекција. Граѓаните треба да бидат особено внимателни во јавниот превоз. По возењето да ги мијат рацете, да не ги допираат носот и устата. Оние што кашлаат и киваат тоа треба да го прават во марамче, кое потоа ќе го фрлат во посебна канта,советува д-р Костовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top