| четврток, 6 декември 2018 |

Срам за македонскиот правен систем: Аболицијата важи во секоја правна држава, само во Македонија не!

Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет.

Ова очигледно важи во секоја правна држава, освен во Македонија. Грчкиот суд  денеска одлучи дека ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски нема да бидат екстрадирани во земјава. Главниот аргумент на грчкиот Врховен суд за да не ги екстрадира во Македонија била аболиција која ја направи претседателот Ѓорге Иванов пред две години. Тамошниот суд одлучил дека еднаш донесена одлука за амнестија не може да биде повлечена.

Но ова очигледно не важи во Македонија. Иако 57 лица се најдоа на листата на аболицирани од страна на Иванов, ним им се суди во Македонија. Иванов поради притисок ја повлече аболицијата, но правилото вели дека истата не може да биде поништена, укината или повлечена.  Досега ниту судија не посочи дека еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. За првпат грчките судии го посочуваат ова правило кое го има во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право. Веројатно, ваква одлука да се донесеше пред нашите судови, коментарот ќе беше дека се работи за корумпирано судство, но зарем Грујовски и Бошкоски го корумпирале грчкиот врховен суд за да ги ослободи?!

Професорката Тања Каракамишева, професорка по уставно право, коментира дека ова правило кое го примени грчкото судство е правило кои важи во секоја правна држава, односно дека истото правило е дел и од домашното казнено право.

-Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. Тоа многу добро го знаат експертите по Меѓународно кривично право, врховните судии на Грција, но и македонските професори по Казнено право кои во своите учебници ова го имаат многу убаво објаснето, но за жал не сакаат да го кажат во јавност – вели Каракамишева.

За ова правило во својот учебник по Казнено право пишува и професорот Владимир Камбовски.

Станува збор за клучно правило во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право кое има своја позадина во заштитата на општиот правен стандард-потребата да се почитува начелото на правната сигурност во државата. Ова го имав констатирано и во времето кога претседателот Иванов беше присилен од некои фактори да ги повлече веќе дадените аболиции, и тогаш реков, и сега потврдувам дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена – коментира професорката.

Таа додава:

Правната сигурност на граѓаните, но и правната сигурност која институциите се обврзани да ја штитат е врвен принцип на секоја правна држава! Ако Македонија сака да биде правна држава мора да ги почитува овие општи правни стандарди кои се применуваат во сите демократски држави каде се почитува владеењето на правото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top