| четврток, 6 декември 2018 |

Задоцнети „македонистички денови во МАНУ”!?

Македонската академија на науките и уметностите се одважи да организира „Македонистички денови”. Прашањата што се наметнуваат се зошто токму сега и која е причината за тоа? Академиците сигурно ги имаат одговорите, но останува длабок сомнеж колку тие ќе бидат прифатени од јавноста, зашто неизбежен е впечатокот дека тие се веќе прегазени од времето. Едноставно, МАНУ работи со „задоцнето палење”!

– Македонскиот јазик e одамна кодифициран, постои, тој не може да исчезне, тоа е вековна традиција. Во тој контекст посебно битно е што македонскиот јазик мора да има приоритет особено ова што го зборуваме ние, научна обработка и разработка и негово проучување, бидејќи тој е интегративен јазик во Република Македонија и тоа мора да го почитуваат сите заедници, ќе рече претседателот Таки Фити.

Не така одеамна истиот господин Фити, Договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија го оцени како добар. Оттука, навистина ќе биде интересно да се види како неговата оценка дека македонскиот јазик е „вековна традиција„ ќе помине во работата на формираната Заедничка комисија за историски и за образовни прашања.

Господинот Фити во изјавата за медиумите се осврна и на проблемот со името, посочувајќи дека македонскиот јазик мора да биде евидентиран онака како што е евидентиран и во Обединетите нации „Macedonian“.

– Не можеме ние да прифатиме, и тоа е став на МАНУ, кога се зборува за јазикот на земјата да се пишува на латиница и да се изговара онака како што ние го изговараме македонски. Тој мора во ОН да биде формулиран како „Macedonian language“. Тоа е став што навлегува во суштинските идентитетски прашања и тука нашите сугестии до Владата се апсолутно јасни и цврсти- изјави тој.

Зошто вака цврстиот негов и став на МАНУ не беше присутен и при потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, туку ги затворија очите и прифатија формулација, што ќе остави длабоки последици врз националното ткиво? Одговорот ќе си го дадат самите академици.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top