| четврток, 6 декември 2018 |

Оптимизмот на Захариева во сенка на (нео)врховизмот

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева испрати многу оптимистички пораки од Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржа во Софија. Не можат ни да се набројат. Де дека до 2025 година очекува две земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ, де дека Договорот за добрососедство меѓу Република Бугарија и Република Македонија треба да е пример за решавање на недоразбирањата меѓу западнобалканските соседи, де дека со него сме покажале оти знаеме да го оставиме минатото зад нас и да се насочиме кон иднината, де дека…

Убаво од нејзина страна. Оптимизмот ја враќа надежта, а надежта, нели, е живот. Само штета што речиси истовремено на БТВ се јави Ангел Димитров, поранешниот бугарски амбасадор во Скопје и актуелен член на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски и за образовни прашања, чиј прв состанок е закажан за почетокот на следниот месец во Софија. Неговите ставови изнесени на телевизискиот настап целосно го фрлаат во сенка оптимизмот за Захариева и ги навестуваат позициите од кои бугарската страна се подготвува за настап во претстојните преговори, што во многу наликуваат на (нео)врховизам.

Ако се бара сиже од настапот на Димитров, тоа би гласело-Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но може да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах. За ова, веројатно, двете страни ќе имаат што да кажат, но она што загрижува сее ставовите на првиот бугарски амбасадор во Скопје. Прво дека:„Нештата не се сведуваат на признавање, туку на убедување во една научна дискусија, со професионални аргументи, што треба да биде променето во формирањето на општествената свест во Република Македонија, посебно на младите поколенија”. И второ:„ „Ако зборуваме сериозно, треба да кажеме дека македонизмот веќе го претрпе својот крах, со оглед на тоа дека тој е создаден, тој е историски одречен од начинот на кој е создаден и се развивал. Тоа, се разбира, не значи дека тоа е осознаено во Република Македонија. Не можеме да им го наложиме на нашите пријатели од другата страна нивното право да изберат за себе нов идентитет. Не треба да заборавиме дека сме живееле разделени со децении. Но, не можеме да прифатиме, да се согласиме со нивното тврдење дека сето тоа се случило по природен пат. Научно кажано, тие сакаат современата македонска нација да биде формирана објективно историски, а, всушност, таа е резултат на политички одлуки, т.е. нејзиното формирање освен што е силувано, освен што е однадвор, освен што не е резултат на внатрешно движење кон таа државност и нов идентитет, е, во крајна линија, субјективно-политички чин“. И уште ќе додаде: „Тие имаат на што да се потпрат – тоа е развојот на државата по 1944 година. Тоа им дава право како формирана национална заедница на тој субјективно-политички начин да го користат своето денешно име. Но, минатото треба да биде интерпретирано на коректен, професионален начин“.

Очигледно, во Софија, Договорот за добрососедство се сфаќа многу подлабоко и посуштествено од едно обично препрочитување на „заедничката историја” и навлегува длабоко во македонските идентитетски води и нивна отворена негација, што е суштината на (нео)врховизмот.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top