| четврток, 6 декември 2018 |

Гран при за претставата „Контрабас“ на фестивалот на монодрама во Битола

Добитник на гран при на 20-тото јубилејно издание на интернационалниот Фестивал на монодрама Битола 2018 година е претставата „Контрабас“ на актерот Шовги Гусеинов од Азербејџан.

На синоќешното свечено доделување на наградите претседателот на тричлената жири-комисија, Коле Ангеловски, истакна дека тој и членовите на жирито, Нина Мазур и Весна Петрушевска, одлуката ја донеле едногласно.

„Одлуката е донесена за севкупен впечаток, односно изборот на музиката во монодрамата, режијата и особено за актерското мајсторство на Шовги Гусеинов од Азербејџан како комплетна претстава прикажана на овој фестивал“, истакна Ангеловски.

Жири-комисијата наградата за најдобра актерска игра му ја додели на актерот Матеуш Новак од Полска за претставата „Однапред и одназад“. Ангеловски посочи дека наградата се доделува за прекрасната актерска игра, талентот и техниките на прикажување на актерската игра на сцената од страна на овој млад актер.

Наградата од публиката годинава очекувано отиде во рацете на Тарик Филиповиќ, која го скандира неговото име. Во преполната театарска сала пред битолчани Филиповиќ ја одигра претставата „Ќиро Блажевиќ“.

Со доделувањето на наградите синоќа се спуштија завесите на јубилејното 20-то по ред издание на интернационалниот Фестивал на монодрама Битола 2018 година. Центарот за култура, како организатор на фестивалот, годинава се истакна со беспрекорна реализација, без пропусти во однос на техничкиот и организацискиот дел на Фестивалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top