| четврток, 6 декември 2018 |

Народот прашува, Владата без суштински одговор – Ќе има ли договор до јуни, ќе бидеме ли Горномакедонци?!

Направен ли е клучниот пробив во преговорите за името?! Ќе имаат ли премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас две средби во Софија – и утревечер и во четврток наутро?! Навистина ли конечниот договор се очекува да биде постигнат за еден месец, до средината на јуни?! „Република“ побара коментар од Владата за контурите на договорот со Грција, што денеска ги објави Канал 5 Телевизија.

„Република Горна Македонија“ ќе биде за севкупна употреба

Во одговорот од Владата ниту потврда ниту демант на она што беше објавено на Канал 5. Оттаму политички одговор дека македонската Влада продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција, а за евентуален напредок во преговорите јавноста ќе биде информирана.

-Владата на Република Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција, со јасна цел достоинствено да се решат отворените прашања на две соседни европски земји. Преговорите се интензивни и секогаш кога ќе има значителен прогрес јавноста ќе биде информирана. Веруваме дека и во Грција и во Македонија мнозинството граѓани сакаат добрососедство кое води кон пријателство и кон цврста стабилност и економски развој на регионот. Владата на РМ ги застапува ставовите кои придонесуваат кон унапредување на соработката и перспективите меѓу двете земји – велат од македонската Влада.

Oсновата на решението ќе биде сложено име, најверојатно „Република Горна Македонија“, напишано одвоено и со превод на англиски. Тоа веднаш ќе биде меѓународно име на државата, запишано во Обединетите нации. По уставните измени, тоа ќе биде име за севкупна употреба. Графата за државјанство исто така ќе се потполнува со „Република Горна Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top