| четврток, 6 декември 2018 |

Заев одбива лидерска средба, што крие зад пазарот со името?

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев одбива лидерска средба околу прашањето на името на државата, што носи кон претпоставка дека Владата крие нешто околу преговорите за овој спор. Одбивањето на лидерска средба само по себе буди многу сомнежи во јавноста, граѓаните прашуваат зошто премиерот Заев и неговата влада одбиваат лидерска средба, иако сите ги гледаат пишувањата по медиумите.

„Република“ и денеска побара одговор дали е договорена лидерска средба за преговорите со името, но промени на ставот на Владата засега нема.

-Средбата ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Во меѓувреме, додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот, кажаа денеска за „Република“ од Владата одбивајки го барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна лидерска средба за преговорите за името.

Македонската јавност веќе и со страв прашува што Владата договара со Грција, бидејќи од таму не даваат скоро никакви информации, а во грчките медиуми на големо се пишува дека двете држави се блиску до договор.

Грчките медиуми веќе на големо пишуваат дека Македонија и Грција се пред договор за ново име, договор кој ќе значи дека нашата држава ќе го промени уставот. Премиерот Заев веќе најави дека Македонија со менувањето на името би добила имотен лист, а претходно веќе ретерираше околу ставот за одржување референдум за името и навести прифаќање на промена на уставот.

-Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвора и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија, рече Заев во интервјуто за РСЕ.

Инаку, грчкиот весник „Та Неа“ веќе почна да пишува дека Македонија го менува ставот за употребата на уставното име во внатрешноста на земјата.

Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.

-При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија), пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата.

Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.

„Та неа“ пишува дека за Македонија да ги направи овие отстапки, бара да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.

– Во однос на двегодишниот период, Атина молчи. Сепак, според информациите велат дека би можело да се согласи на еден неопходен временски период што ќе го побара другата страна (една година на пример) за време на кој ќе се направат чекори кон имплементација на комплетниот обврзувачки договор, што ќе се постигне на почеток, за секој пат да се спроведуваат договорените точки, а не за нив одново да се разговара, пишува весникот и објаснува дека е потребен комплетен договор, обврзувачки временски период само за имплементација, а тоа е „патот по кој би можело Скопје да стигне до официјална покана за интеграција“.

Поради овој став на македонската Влада, во јавноста се поставува прашањето, кој може да гарантира дека Грција во тие две години нема да ги промени своите барања, да ги зголеми своите апетити и да побара уште поголеми отстапки.

Поради овие нови информации кои протекоа во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ побара итна лидерска средба околу прашањето за името.

Мицкоски ја прекинува работната посета на Италија, ВМРО – ДПМНЕ бара итна лидерска средба за името

Ако се земат во предвид информациите кои доаѓаат од грчките медиумите, како и ставот на Владата дека се уште нема промени во преговорите за кои би требало граѓаните и опозицијата, тогаш се поставува прашањето на што се темели оптимизмот на премиерот Заев, дали тој блефира со иднината на државата или пак е одлучен да потпише капитулација без разлика на последиците.

На својот фејсбук профил околу спорот за името излезе со реакција и новинарот и уредник, поддржувач на политиките на СДСМ Бранко Героски кој поставувајки го јавно својот југословенски пасош на социјалната мрежа „сликовито“ до власта упати порака како треба да се чува идентитетот.

Героски: Вака се чува идентитетот шупаци!

Тој исто така и запраша:

Ерга Омнес или Ерга Гомнес, прашува уредникот на весникот Слободен Печат и порталот Плусинфо?

-Замислете како ШКБ (Штабот на колосалните будали) ја разбира формулата “ерга омнес” за употреба на новото компромисно име што ќе го договорат Скопје и Атина…

Според ШКБ, новото име ќе било запишано и во учебниците. Меѓу другото… И тоа ништо битно нема да сменело.

И сега, еве замислете, го праќате своето дете или внуче прваче. Дете родено од татко Македонец и мајка Македонка. Во Република Македонија со сегашното меѓународно име БЈРМ.

Неговото училиште, на пример, се вика “Гоце Делчев”. На таблата е напишано името на училиштето, името на општината (Центар) и на градот (Скопје), како и името на државата – Република Горна Македонија.

Првачето ќе научи дека Гоце Делчев е роден во Килкиз, Грција и дека се борел за слобода на Горна Македонија. Тато (дедо), зошто тој Гоце од Грција се борел за слобода на Горна Македонија? Зошто не се борел за Грција?

Во учебникот по Општество ќе пишува: “Мојата татковина се вика Република Горна Македонија”. Тато (дедо), зошто твојата татковина се вика Македонија, а мојата Горна Македонија?

Меѓу првите песнички што ќе научи да ги пее првачето, нормално, ќе биде химната. Напишана од поетот Владо Малески од Струга, Горна Македонија. Песната ќе почнува со стиховите “Денес над Горна Македонија се раѓа ново сонце на слободата”.

Вашето прваче ќе биде вредно и паметно и на крајот на годината ќе добие свидетелство. На кое некаде ќе мора да пишува Република Горна Македонија.

Итн, итн…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top