Со свој камен по своја глава е народна поговорка, што често се употребува за да се скроти некој кој високо лета. Ете, тоа му се случи и на министерот за надворешни работи Никола Димитров, без разлика што му реферирал на премиерот Зоран Заев за последната средба со својот грчки колега Никос Коѕијас и посредникот во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц.
Непосредно пред средбата на шефовите на дипломатиите, како форма на притисок, еден од најугледните грчки новинари објави анализа во која, меѓу другото, напишал дека токму Димитров може да биде главниот виновник за неуспехот на преговорите за проблемот, што Грција го има со името Македонија и притоа потсетил на неговото потекло од Егејска Македонија. Во текстот објавен на Хеласжурнал, авторот посочил дека за разлика од Димитров, премиерот Зоран Заев е многу покооперативен. „Тврдокорниот националист Никола Димитров предизвика сериозни проблеми за време на разговорите во Виена, брифираат анонимни извори за нашата интернет страница. Димитров го предизвикал гневот на преговарачот Метју Нимиц, кој наводно го предупредил министерот на Скопје дека тој создава повеќе проблеми за својата земја отколку за Грција…”.
Чудно, а токму Димитров не така одамна, во интервју за францускиот весник „Ла кроа”, со огромна леснотија ги користеше поимите национализам и (претходното) националистичко мнозинство во контекст на оние политички сили во земјата, кои се спротивставуваат на изнаоѓањето компромис со Грција и како автори на проектот „Скопје 2014”. Уште почудно е што од грчкиот новинар се користи термин, што ретко или воопшто не се употребува во Грција-Егејска Македонија.
Случајно или не, и солунскиот градоначалник Бутарис претходно излезе со речиси идентична теза. Тој во своето обраќање на форумот „Национализмот наспроти патриотизмот“ изјави дека патриотизмот создава можности наспроти национализмот што ги пропушта. „Од што се плашиме, соседите да не ни го земат Солун? Сега е шансата да го решиме ова отворено прашање во корист на Грција, бидејќи денес нашата соседна држава во целиот свет е признаена под своето уставно име. Луѓето од Скопје не се човекојадци, само затоа што таму имаше радикален националист како Никола Груевски, кој е еднаков на нашите ултрапатриоти“, рече тогаш Бутарис.
Ваквото плиткоумно и површно гледање на работите, пак, не соодветствува со реалноста. Зашто, досега не постоела влада или претседател на државата, кои не сакале да се реши спорот со Грција. Разлики постоеле во тоа само на кој начин и како да се дојде до решение-дали да се прифати се и да се игра исклучиво по грчки ноти, или, пак, да се заштитат и националните и државни интереси. Именувањето на Груевски како радикален националист (термин што алудира на фашист и своевремено го користеше и Киро Глигоров л.з.) и неговото поистоветување со грчките ултрапатриоти само ја изразува одговорноста на Бутарис за изречениот збор пред сопствената јавност. Зашто, не може во Македонија да има националисти, па било тие и да се радикални, а во Грција истите тие да се именуваат како ултрапатриоти.
По сериозните обвинувања од страна на грчкиот новинар, сега логично се поставува прашањето во која група се гледа и пронаоѓа тврдокорниот националист Никола Димитров? Според логиката на авторот, би требало да се стави во првата. Во онаа, која се спротивставува на изнаоѓањето компромис со Грција. Очигледно, шефот на македонската дипломатија многу брзо со свој камен доби по својата глава. И не само тој. А, како тогаш ќе се именуваат сите поединци или претставници на разни јавни институции од сите сфери на општествено-политичкиот живот, кои се за решение на спорот, но без менување на Уставот. Да не речеме над 60 отсто од Македонците. И сите тие ќе бидат националисти или радикални националисти?! Далеку од здравиот разум.
Она што е најважно за домашната јавност, пак, е посочувањето на грчкиот новинар дека зад кулисите постои недоразбирање меѓу министерот за надворешни работи и премиерот. И логично, се поставува прашањето во што е разликата во ставовите меѓу Димитров и Заев? За што се застапувал првиот македонски дипломат, а за што премиерот, кој е оценет како многу покооперативен! Во кој сегмент од преговорите доминира кооперативноста на Заев, наспроти тврдокорниот национализам на Димитров? Одговорите на прашањата треба да стигнат пред најавената средба меѓу премиерите на двете земји, зашто после може да биде многу доцна. Дотолку повеќе, што Владата на СДСМ не пропушта можност транспарентноста да ја прикаже како еден од главните адути во своето функционирање. А, за вака значајно прашање, пак, не смее да стане ниту збор. На страна недоразбирањата на релација Димитров-Радмила Шеќеринска.
Пишува: Предраг Димитровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.