| четврток, 6 декември 2018 |

Последен меч во кариерата: Две вардарки после денешното финале му кажуваат збогум на ракометот

Натпреварот од финалето на Ф4 турнирот против Ѓер за две ракометарки на Вардар ќе биде последниот на меѓународна сцена. Тие одлучија да се повлечат од активното играње после завршувањето на оваа сезона, па затоа овој Ф4 турнир ќе биде добра можност за да се простат од играњето со европска титула, пишува 24 Ракомет.

За Мирјета Бајрамоска и Андреа Чанаџија ова ќе биде дефинитивно последниот Ф4 турнир бидејќи тие следната сезона веќе нема да бидат на теренот. Оттаму ова ќе биде одлична можност за завршување на кариерите и на достоен начин да заминат од ракометот.

Бајрамоска е македонска репрезентативка и ракометарка која е активна повеќе од 15 години. Таа играше во најсилните клубови во Македонија и беше дел во минатото и од таборот на ѓорчепетровки. Имаше и добра меѓународна кариера, па сега во Вардар ќе има можност да стави крај на една кариера полна со убави резултати.

Таа има 34 години, а сезонава во Вардар не успеа да одигра многу бидејќи во еден дел од сезоната поради повреда мораше да мирува.

Чанаџија во Вардар доби многу и успеа да тргне напред во кариерата. Дојде од Подравка, клуб каде што имаше единствено играно пред во 2015 година да заигра за Вардар. Секогаш имаше силна конкуренција на пивотменската позиција, но одговараше на потребите на клубот. Таа ќе стави крај на играњето на 25 години.

Тие се двете ракометарки за кои засега е јасно дека нема да имаат нов клуб во следната сезона и ќе се посветат на нешто друго во животот надвор од ракометот. Дали ќе успеат да го направат тоа со титула или со поинаков пласман ќе биде јасно после денешното финале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top