| четврток, 6 декември 2018 |

ДУИ не калкулира со Законот за јазиците, но Џафери тактизира

Ниту ДУИ, ниту пак било која од политичките партии калкулира со Законот за јазиците, затоа што законот е веќе донесен по втор пат и нема никаква калкулација да се направи во однос на тоа, вели Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за Радио Слободна Европа.

Џафери вели дека законот за употреба на јазиците ќе го прати до Службен весник кога ќе процени дека е соодветно време, но не прецизира кога тоа би можело да се случи.

– Имајќи предвид дека нема рокови во однос на објавувањето на законот за јазици, сметам дека во соодветно време, кога ќе проценам дека треба да се прати законот до Службен весник, тој ќе се објави и потоа да можат другите надлежни институции да се произнесат по однос на текстот на законот односно за оние укажувања и дилеми кои се искажаа во јавноста, истакнува Џафери во интервјуто.

Тој е задоволен од работата на парламентот и од соработката на мнозинството и ВМРО-ДПМНЕ.

– Лично сум задоволен од работата на Собранието во смисла на тоа што Собранието нема паузи, туку има реорганизација на седниците и во тој контекст тие се редовни и ги исполнуваат потребите за сите материјали што стигнуваат во Собранието и во соодветен рок, како што е пропишано со деловникот се ставаат на дневен ред и си поминуваат.

Зборувајќи за разговорите од процесот „Жан Моне“ што требаше да се одржат во март 2018 година во Охрид и беа презакажани за овој месец а се однесуваат на процесот на реформи во Собранието, Џафери вели дека постојат неколку клучни точки по кои треба да се разговара.

– Клучно во реформите на работата на Собранието треба да биде прецизирањето на нормите во однос на конститутивните седници на Собранието, буџетското осамостојување од извршната власт како и работа на Етичкиот кодекс за пратениците, вели Џафери.

Смета дека за разлика од порано, особено по случувањата од 27 април, Собранието сега е многу побезбедно отколку претходно.

Претседателот на Собранието очекува ова лето Македонија да ги почне преговорите за влез во Европската Унија (ЕУ) и смета дека земјата е на добар пат да го реши проблемот со името со Грција и со тоа, како што вели тој, да се надмине последната пречка за членство на Македонија во НАТО.

Тој не ги коментира информациите во јавноста дека на Конгресот на неговата матична партија ДУИ што треба да се одржи годинава актуелниот претседател Али Ахмети ќе се повлече од функцијата.

– Со оглед на функцијата Претседател на Собранието, членувањето во партиските органи ми е ставено во мирување. Од таа причина јас не ги коментирам информациите што излегуваат во јавноста. Сите прашања треба да им се постават на луѓето во партијата, заклучува Џафери во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top