| четврток, 6 декември 2018 |

Заев од Штип со порака до ЕУ: Сметајте на нас

Премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски денеска го отворија ЕУ Паркот на плоштадот „Слобода“ во Штип.

Во своето обраќање, Заев рече дека „денеска и граѓаните на Република Македонија се горди на својот избор” и испрати честитка до пријателите во Брисел и Стразбур, до партнерите во ЕУ, во Европскиот Совет и Европската Комисија, како и до сите Европејци, со пораката „Сметајте на нас!”.

-Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија-избор што му припаѓа на секој европски граѓанин. Кога велиме дека ЕУ е избор на граѓаните на Република Македонија, велиме и дека тоа е избор за економски посилна Европа. Избор за поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на нас, на сите нас, порача Заев.

Амбасадорот Жбогар, пак, пред присутните граѓани на штипскиот плоштад порача дека овој 9 мај е посебен бидејќи го славиме во знакот на пресвртницата која се случи во Македонија, од земја што назадува, во земја што се движи во вистинскиот правец.

Пред штипјани говореше и градоначалникот Бочварски, кој повика да се вложат заеднички силите за поцврста демократија, повисока безбедност, поголем потенцијал за напредок, побрз економски раст, повитално здравство, поефикасно образование, пошироки можности за младите и подостоинствен стандард за пензионерите“.

Заев, Жбогар и Бочварски ги посетиле сите штандови на кои биле претставени културните одлики на земјите членки на ЕУ, а потоа ги посетиле и спортските активности и натпревари низ околните училишни игралишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top