| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Направивме огромни исчекори за името

Јас сакам македонската опозиција и власта заедно да настапат по ова чувствително прашање. Верувам дека сите очекуваме да им гарантираме на граѓаните на РМ добра иднина, и во тоа име ќе смогнеме сили да изнајдеме мудро решение зад кое би застанале буквално сите лидери во државата, рече Заев.

Добро е што направивме исчекори, тие се огромни. Се надевам дека и за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓантие, изјави денеска во Охрид премиерот Зоран Заев во пресрет на утрешната нова рунда разговори за прашањето за името во Атина.

Заев нагласи дека Владата останува максимално посветена на процесот, како најодговорен субјект, но очекува поддршка и од опозицијата.

Што се однесува на забелешките на опозицијата дека не е информирана за текот на преговорите со Грција, премиерот рече дека тоа е работа на опозицијата, да биде критички ориентирана.

– Неколкупати баравме лидерска средба, сакаме да брифираме, но тоа се избегнува. Секоја можна прилика ја користам да информирам. Знаете дека на последните средби нема крупни исчекори од тоа што беше претпоследниот пат во Виена. Знае и опозицијата, а верувам знаат и граѓаните до каде сме стигнати, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања.

Тој го пренесе ставот што му бил кажан од опозицијата на последната средба, дека Владата треба да го води процесот, а да биде информирана опозицијата кога ќе има решение.

– Јас сакам македонската опозиција и власта заедно да настапат по ова чувствително прашање. Верувам дека сите очекуваме да им гарантираме на граѓаните на РМ добра иднина, и во тоа име ќе смогнеме сили да изнајдеме мудро решение зад кое би застанале буквално сите лидери во државата, рече Заев.

Прашан за индициите за злоупотреба на државни пари при купување објекти за амбасади и дипломатски претставништва на РМ низ светот, Заев рече дека институциите се должни да тоа го процесуират до надлежните истражни органи.

– Ако има одговорност, ако се потврдат злупотреби, секако ќе се процесуираат самите предмети, ако има виновен ќе одговара, рече премиерот.

Тој најави активности за отварање, но и затварање на амбасади на РМ, зависно од потребите.

– Верувам дека барем на две три места имаме амбасади од кои немаме полза, а немаме во земји каде има потреба. Тоа е последица делумно и на политичката пенетрација и влијание кое сакаме да го оствариме, и вториот дел можеби поважниот – за економското влијание. Моментално заедно со потпретседателот за економски прашања, со министерот за надворешни работи и министерот за економија разговараме за економските аташеа, сакаме да ги вратиме онака како што ги има секоја земја, рече Заев.

Тој не прецизира конкретно каде би требало да се затворат одредени дипломатски претставништва, но ги посочи Азербејџан и Јордан како земји со големи потенцијални пазари за македонските производи каде што Македонија треба да биде посоодветно претставена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top