| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Да се почитуваат процедурите и законите при реконструкцијата на Али Пашината џамија

Ако нема одобрение, не треба да се гради. Законите мора да ги почитуваат сите, вели премиерот Зоран Заев во врска со оспорувањата за начинот на кој се врши реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид.

Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Охрид, премиерот нагласи дека не може да се гради без одобрение за градба независно дали се работи за куќа, зграда, црква или џамија.

– Категорично испраќам порака да се почитуваат процедурите, постапките и законите во државата. Ако некој има право за одобрение за градба, може да го добие тоа право, ако нема право, нема да го добие и сите мора да се придржуваме кон правата и законите, рече премиерот.

Во однос на најавите дека државата ќе го преземе управувањето со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, премиерот рече дека се работи на проблемот, односно дека решението би се барало преку изнаоѓање начини на финансиско помагање на општините со кредитно задолжување на подолг рок со пониски каматни стапки.

– Во целиот пакет очекуваме дека Владата ќе донесе одлука за целосно преземање со управувањето на колекторскиот систем и не само тоа, туку со обврска за негово надградување и одржување, изјави Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top