| четврток, 6 декември 2018 |

Две прослави за 1000 години Охридска архиепископија – МПЦ со БПЦ во Охрид, СПЦ со Вранишковски

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан потврди дека е испратена покана до бугарскиот патријарх Неофит и до државниот врв на Бугарија за заедничко одбележување на 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Во изјава за БГНЕС, г.г. Стефан вели дека Охридската архиепископија има значење за сите православни народи и оти очекува заедно да биде одбележан големиот јубилеј.

– Малку институции може да се пофалат со толку долг живот. Охридската архиепископија има значење за сите православни народи. Поради тоа верувам дека оваа годишнина ќе биде одбележана од сите народи кои биле под нејзина диоцеза. Верувам дека на чествувањето ќе имаме гости од соседните народи и од соседните цркви. Испратена е покана до бугарскиот патријарх и до бугарскиот државен врв. Се надевам дека ќе бидат со нас во Охрид, изјави поглаварот на МПЦ-ОА.

Според најавите од МПЦ-ОА, 1000-годишниот јубилеј ќе биде одбележан со црковно-државни свечености во Охрид на 27 и 28 мај.

И Српската православна црква соопшти дека ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Во соопштението издадено по годишното заседание на Светиот архиерески собор на СПЦ се посочуваат одлуките и темите за кои ова највисоко тело на СПЦ расправало, а не изостанаа ниту МПЦ и Македонија.

„Во рамките на подготовките за прослава на 800 години од самостојноста (афтокефалноста) на Српската православна црква во 2019-2020 година, Соборот на СПЦ одлучи во текот на оваа година молитвено и достоинствено да се одбележи и илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија“, се вели во соопштението потпишано од портпаролот на СПЦ, епископот бачки Иринеј.

Во соопштението се наведува и дека „се поздравува правосилната одлука на Големиот совет на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со која се констатира дека властите на Поранешната Југословенска Република Македонија ја прекршиле меѓународната конвенција за човековите права и слобода на религијата и совеста, одбивајќи да ја регистрираат канонската Охридска архиепископија.“

Во делот каде се споменува односот на СПЦ со останатите православни цркви, се наведува дека тој е беспрекорен „со тажен исклучок на однесувањето на Романската православна црква и бесмислената иницијатива на Бугарската патријаршија, која неповикано и неканонски се вмешала во решавањето на прашањето на статусот на расколничката „Македонска православна црква”.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top