| четврток, 6 декември 2018 |

Седмиот „Скопје Креатива 2018“ од 11 до 13 мај

Изложби, модни ревии и инсталции, работилници, форуми, предавања, презентации, промоции и проекции се дел од седмото издание на фестивалот „Скопје Креатива 2018“ што ќе се одржува од утре до 13 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Мотото на фестивалот е „Седум пати до креативност“, а отворањето е утревечер во 20 часот по што посетителите ќе може да погледнат дел од изложбите во холот на МКЦ. Организатори на фестивалот се Конгресниот центар „Александар Македонски“-Скопје под покровителство на Град Скопје.

Програмскиот директор на фестивалот Иванка Апостолова на денешната прес-конференција ја соопшти програмата и рече дека 80 отсто се базира врз проекти пријавени на јавен повик, пред се македонски дизајнери уметници со свои предлог протитипи, едукативни работилници, презентации и промоции. Таа информира дека на фестивалот имаат покането регионални и европски колеги од областа на креативните индустрии.

Апостолова рече дека во рамки на програмата имаат дел посветен на прототипи, четири работилници на средношколците во соработка со своите ментори, работилници за дигитална фотографија, за изработка на веб-страници, за драмско пишување со фокус на монолози и дијалози. Музичката програма на фестивалот е составена од групата „AUX88“ од Мичиген, САД, проект што го делат со МКЦ, диџеј сесиите на Мирко Попов, Ерик Фокс, Виолета Качакова и Мелани Дигит.

Портпаролот на фестивалот Весна Адамчевска рече дека годинава имаат 45 македонски проекти и ја претстави меѓународната програма. Дел од гостите на фестивалот се фотографот Геерт Де Таје од Белгија, етнологот, антрополог и кустос на музеи Тамара Николиќ Ѓериќ од Хрватска, брачната двојка Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија кои ќе имаат работилница за арахитектура за деца. Гости ќе бидат Ралф Ѓони од Албанија и Иван Бркљаќ од Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top