| четврток, 6 декември 2018 |

Книжевна вечер со Кица Колбе посветена на романот „Земја на бегалци“

В сабота, на 12 мај, од 20 часот во Кино Култура ќе се одржи книжевна вечер посветена на романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе. Разговорот со авторката ќе го води Владимир Јанковски. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“.

Кица Колбе е етаблирана македонска писателка и естетичарка, филозоф и преведувач, која долги години живее во Германија. Ова е нејзина четврта книга по: Егејци, Снегот во Казабланка (роман на годината, 2006), и Жените Гаврилови (кандидат за Балканика, 2009).

Ова е роман-хроника, роман-повест за една бегалска фамилија во Македонија на почетокот на педесеттите години на 20 век, која може да биде парадигматска за темата на бегалството, воопшто. Клучна е идејата за тоа колку долго војната и по бегството невидливо се одигрува во бегалските фамилии. Таа војна по војната, или траума на траумата по бегството, трае долго откако војните завршиле и сите ги заборавиле, ама не и членовите на бегалските фамилии. Централна тема е разорната сила на војната и бегството, која не ги остава на мир оние кои „се спасиле“, но напуштиле и изгубиле се’, затоа што останале трауматизирани, со чувство на вина, со постојан страв, со чувство на неприпадност. За овие, во светската литература толку актуелни теми, многу малку е пишувано во македонската литература.
Сугестивната нарација во романот „Земја на бегалци“ е напишана од гледна точка на децата, со посебен акцент на психологијата на траумите, чувствата, стравовите и надежите. Во романот е тематизиран животот во бегалско гето, траумата на директно погодените членови во фамилијата за која се раскажува по загубата на татковината и домот, но и на оние родените по бегството, затоа што авторката многу добро знае дека многу нешта се откриваат и од визурата на децата на бегалците. Со еден збор, се работи за една тема , стара колку и историјата на војните, а можеби никогаш толку актуелна како денес, вели Лидија Капушевска – Дракулевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top