| четврток, 6 декември 2018 |

Усвоена Декларација за заштита на екосистемот на Охридското езеро

Европската конференција на научниците од областа на блатните екосистеми (SWS) која се одржуваше од 30 април до 4 мај, во Охрид донесе околу 50 експерти од оваа област. И тоа не случајно. Покрај својот годишен состанок, експертите се собраа токму во Охрид за да го видат овој „скапоцен камен на природата“ и првенствено да го видат Студенчишкото Блато. Бидејќи за Блатото се зборува на годишните конференции на SWS уште од 2015 г. кога во Македонија „бетониран предел“ звучеше попривлечно од „илјадници години стар природен воден филтер со илјадници птици, ендемски видови, зародиш на живот, чувар на микроклимата – срцето на езерото!“

Во позитивен дух, врз основа на својата експертиза и посетата на Блатото, научниците едногласно ја усвоија Декларацијата за заштита на екоситемот на Охридското Езеро во која констатираа дека:

  1. Охридското Езеро и со него поврзаното Преспанско Езеро имаат исклучителна вредност поради богатството на биолошка разновидност и неспоредливиот континуитет на развој во текот на најмалку 1,6 милиони години што довело до создавање на уникатна средина која овозможува истражувања на климата и еволуцијата, како и создавање на голем број ендемични видови.
  2. Охридското Езеро е сè уште во извонредна состојба, но постојаниот внес на отпадни води претставува сериозна закана по неговиот квалитет.
  3. Последното живо блато на македонскиот охридски брег, Студенчишко Блато, е евидентно деградирано и многу помало од неговата природна големина пред 50 години. Од низата деструктивни активности, последната е скорешната изградба на широка асфалтна патека која го нарушува неговото хидролошко единство со Охридското Езеро.
  4. Остатокот од Студенчишко Блато е суштински важен и многу вреден поради биолошката разновидност, добро одржаните неколкуметарски слоеви тресет, единствениот целосно функционален блатен систем кој се граничи со Охридското Езеро и обезбедува многубројни екосистемски услуги (прочистува, штити итн.), а неговиот загубен дел може лесно да се ревитализира.
  5. УНЕСКО статусот се покажал како недоволен да го спречи директното влевање на загадена вода во Езерото и не обезбедил никаква заштита за вредното Студенчишко Блато.
  6. Охридското Езеро како единствен систем со Студенчишко Блато е од клучна важност за економскиот развој кој може да се постигне преку одржлив туризам, така што заштитата и ревитализацијата на овој екосистем мора да бидат број еден приоритет за регионален развој.

 

Друштвото на научници за блатни екосистеми (SWS) со оваа Декларација:

  1. Ги повикува локалната и централната власт во Р. Македонија значајно да ја подобрат заштитата на Охридското Езеро, вклучително и на Студенчишкото Блато и на езерскиот слив, што оптимално би се постигнало со прогласување на езерскиот систем како блатен екосистем од меѓународна важност под Рамсарската конвенција, за што имаме информација дека е добредојдено во Рамсарскиот секретаријат во Швајцарија и може да се реализира со расположливите податоци.
  2. Повикува на итно изготвување и спроведување на акциски план за заштита на Студенчишкото Блато и за негова итна ревитализација, што подразбира замена на постојниот пат кој ги раздвојува Блатото и Езерото со дрвена патека, со цел да се овозможи комуникација со Езерото, чистење на отпадот, запирање на земјоделските активности со обесштетување на сите сопственици на имоти на најдобар можен начин, и многу важно – трајно враќање на Блатото во неговата првобитна големина.
  3. Повикува на сериозна ревизија на практиките на управување со водите во урбаните и руралните области околу Езерото за да се спречи влевање на загадена вода, како и обнова и создавање на нови блатни системи.
  4. Ја повикува локалната власт во Охрид да развие повеќе атракции за природен туризам во регионот за да се зголеми приходот преку понуда на поразлични опции и продолжување на туристичката сезона каде што Студенчишко Блато како парк на природата би имало значајна улога.

Оваа Декларација треба да послужи како уште една силна причина македонските власти што поскоро да ја поднесат иницијативата за впишувањето на Охридското Езеро на Рамсарската листа, да се докомплетира студијата за варолизација на Блатото, тоа да се заштити во целиот обем, но и да се прошири.

И Рамасаркиот комитет се обрати до учесниците на конференцијата преку писмо во кое се вели: „Ги поздравуваме позитивните сигнали од македонските власти за можното впишување на Охридското Езеро и со него поврзаните блатни екосистеми во Рамсарската листа на водни живеалишта од меѓународно значење“.

На формалното затворање на Конференцијата, претставници на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ му врачија благодарница на Друштвото за неговата неколкугодишна заложба за алармирање на потребата од заштита на Блатото во научните кругови, дописи до претставниците на власта во Република Македонија, поддршката кон иницијативата на Охрид ЅОЅ и Е.Д.Е.Н. за прогласување на Блатото за споменик на природата и Рамсарска локација (заедно со Езерото). Исто така, симболичен подарок му беше врачен и на стариот пријател на Охрид, проф. д-р Јос Ферхуфен, поранешен претседател и актуелен заменик-претседател на Европскиот огранок на SWS, кој за Студенчишко Блато зборуваше дури до Кина, бидејќи „научниците треба да се огласат и тогаш кога не се прашани“. Тој зборуваше кога беше најпотребно и кога повеќето избраа да молчат.

Науката, од жариштето на биодиверзитетот на Европа ја испрати својата јасна порака, сега на потег се носителите на одлуки. Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Стојаноски се обврза на имплементација на препораките од стручната фела и заштита на Студенчишко Блато до крајот на 2018 г., но сè уште без гаранции за неговата големина. Македонската Влада ја усвои иницијативата за Рамсарска номинација и заштита на Студенчишко Блато. Оваа конференција треба да биде и пресвртна точка за охридскиот регион, бескомпромисно отворање на еден нов, современ, пат за економски развој кој одговорно ја вреднува и паметно управува со природата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top