| четврток, 6 декември 2018 |

Принцот Чарлс: Грција ми е во крвта

Грција ми е во крвта и со години бев фасциниран од културата и историјата, истакна принцот Чарлс во изјава за „Катимерини“, само еден ден пред неговата официјална посета на Грција.

Tој ја спомена финансиската криза од изминатите години наведувајќи дека сака да и помогне на Грција, особено на младите.

– Знаејќи дека Грција и многу Грци поминуваат тешко во последните години, сакав да најдам начин, па дури и мал и ограничен, за да им помогнам на младите во земјата целосно да го развијат нивниот потенцијал или преку обука или подржувајќи ги да започнат сопствени бизниси. Со оваа тема веќе 42 години се занимава мојата добротворна организација „Принсис траст“ (Prince’s Trust) во Велика Британија, а од неодамна и во странство, посочи принцот од Велс, додавајќи дека можеби искуството „би можело на некој начин да биде корисно за решавање и надминување на предизвиците што пред себе ги има оваа толку посебна земја“.

Од утре почнува тридневната посета на принцот Чарлс и неговата сопруга војвотката Камила, по покана на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, што има за цел да ги уважи силните и вековни врски меѓу Грција и Британија.

Кралскиот брачен пар има богата програма, првите два дена ќе биде во Атина, а последниот ден ќе замине за грчкиот остров Крит.

Во грчката престолнина предвидено е утре, по слетувањето на атинскиот аеродром, да положат цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак, пред грчкиот парламент, да одржат протоколарни средби со претседателот и премиерот на Грција, Прокопис Павлопулос и Алексис Ципрас, додека пак во вечерните часови грчкиот претседател во чест на принцот и војвотката ќе приреди официјална вечера.

В четврток, кралскиот брачен пар ќе се сретне со грчкиот архиепископ Јеронимос, по што Чарлс и Камила ќе имаат одделни програми.

Принцот Чарлс ќе има низа активности и средби поврзани со поморството и соработката на Грција и Велика Британија во оваа област.

Третиот и последен ден од посетата, кралскиот брачен пар ќе го помине на грчкиот остров Крит, каде што ќе посетат археолошки локалитети, невладина организација што учествува во проект за интеграција на бегалците во локалното општество, ќе поразговараат со волонтери и мигранти, а пред да си заминат од Крит и Грција, ќе присуствуваат на традиционална критска прослава со културни активности и критски производи.

Ова ќе биде втора официјална посета на Грција на принцот Чарлс и војвотката Камила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top