| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува 71. издание на Канскиот филмски фестивал

Преку „Сестри и брат Митевски продукција“, Македонија во најновиот филм на Нури Билге Џејлан , „Дивата круша“, ќе учествува во главната програма на Канскиот филмски фестивал. Премиерата е закажана на 18 мај

Денеска во Кан почнува престижниот меѓународен филмски фестивал кој ќе трае до 19 мај. Седумдесет и првото издание ќе биде отворено со филмот на Асгар Фархади, „Everybody Knows“ со филмската двојка Пенелопе Круз и Хавиер Бардем.

Во конкуренција за „Златна палма“ се филмовите: „Еverybody Knows“ на Асгахар Фархади, „At War“ на Стефан Бриз, „Dogman“, Матео Гарон, „Le Livre d’image“ на Жан-Лук Годард, „Asako I & II“ на Рјусуке Хамагучи, „Sorry Angel“ на Критофе Хоноре, „Girls of the Sun“ на Ева Хусон, „Ash is Purest White“ на Џиа Зангке, „Shoplifters“ на Хироказу Коре-еда, „Burning“ на Ли Чанг-донг „Capernaum“ на Надин Лабаки, „Blackkklansman“ на Спајк Ли, „Under the Silver Lake“ на Дејвид Роберт Мичел, „Three Faces“ на, Џафар Панахи, „Cold War“ на Павел Павликовски, „Happy as Lazzaro на Алис Рорвачер, „Yomeddine“ на А.Б. Шавки и „Summer“ на Кирил Сребреников.

„Златна палма“ лани освои шведскиот режисер Рубен Ослунд за филмот „The Square“.

Подалеку од светлото на фестивалот, илјадници обожаватели на филмски ѕвезди ќе ја преплават „Кроазета“, една од најпрометните шеталишта во Европа.

Со жирито годинава претседава австралиската актерка и оскаровка Кејт Бланшет.

Меѓународниот филмски фестивал во Кан најави дека на годинешниот фестивал ќе бидат забранети слики со мобилен телефон и дека ќе има специјални проекции за новинарите.

Преку „Сестри и брат Митевски продукција“, Македонија во најновиот филм на Нури Билге Џејлан , „Дивата круша“, ќе учествува во главната програма на Канскиот филмски фестивал. Премиерата е закажана на 18 мај.

„Дивата круша“ е комплексна копродукција помеѓу седум земји, Турција, Франција, Германија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска копродукција и со поддршка од „Еуримаж“. Македонија беше првата земја која се вклучи во овој голем проект. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија со 5.500.000 денари. Целиот буџет на филмот е 2.900.000 евра. Агент за продажба на филмот е француската компанија „Мементо“.

Нури Билге Џејлан е еден од најголемите европски и светски автори. Тој својата кариера ја почнува со краткиот филм „Коза“ кој во 1995 година е претставен на Канскиот филмски фестивал. Со својот трет филм „Узак“ добива гранд при и наградата на надобар актер во 2003. Со следниот филм во 2006, „Годишни времиња“, ја добива „Фипресци“ наградата повторно на Канскиот филмски фестивал. Во 2008 година ја добива канската „Златна палма“ за најдобра режија за филмот „Три мајмуни“, за во 2011 со „Било некогаш во Анатолија“ повторно да добие гранд при за во 2014 со „Зимскиот сон“ да добие Златна палма за најдобар филм. Тој е секако еден од најуспешните режисери во историјата на Канскиот филмски фестивал. „Дивата круша“ е негов шести филм на Канскиот филмски фестивал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top