Предраг Димитровски
Не мина ни една година од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, а веќе се наѕираат одредени намери, што немаат допирна точка со вистинските добрососедски односи. Напротив, се забележува една суптилност или перфидност, што повеќе сакаат да ги замаглат насоките поставени во Договорот, дури и онаков каков што е потпишан, со сите негови слабости и маани. Залудни се настојувањата на премиерот Зоран Заев да не убедува дека нему ништо не му фали, зашто, наводно, имал прецизни реченици, кога професорот Ферид Мухиќ, од неговото парламентарно мнозинство, од собраниската говорница го оцени како асиметричен. И не само тој. Во јавноста имаше бура реакции, но залудно. А, околу прецизноста, само како потсетување. На пример, деветата точка од општиот дел гласи „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи„. Токму членот –та во синтагмата „заедничката историја„ семантички имплицира на целокупната македонска и бугарска историја. Повеќе од сигурно, постоело и некое друго решение, што би било посоодветно. Да речеме, „со оглед на заеднички(те) процеси од историјата на двете семји„. Зашто, многу е важен контекстот на употребата на терминологијата.
И токму во терминологијата може да се согледаат намерите како бугарската страна гледа на добрососедството и за што, всушност, ќе го користи Договорот. А, најсвеж пример е прославата на 6 мај, Денот на бугарската армија. Тука не е никаков проблем ниту присуството на македонските војници на свеченостите во Софија, ниту, пак, заукопојната молитва во струмичко Ново Село. Првата соодветствува на две армии од кои едната е членка на НАТО, а другата е негов сојузник и, за жал, се уште чека на официјален прием во клубот. Другата е чисто цивилизациска, христијанска, човечка, хумана и во знак на сеќавање на загинатите војници за кои еднакво плачеле и бугарските и македонските мајки.
Но, секогаш постои тоа но. Чудно, фондацијата „Бугарска памет„ на бизнисменот и филантроп Милан Врабевски, која се јавува како обновувач на гробиштата и покровител на чествувањето во Ново Село, ниту еднаш не го употреби точниот назив врз основа на кој и е дадена дозволата за нивно обновување. Така, наместо Воени гробишта на загинатите војници во составот на бугарската армија, се користат термините бугарски воени гробишта или воени гробишта на бугарските војници загинати во текот на Балканските и Првата светска војна. Дури, и за ова Балканските се прави разлика, па се користи Балканската и Меѓусојузничката војна, што ќе рече дека за бугарската страна нема две балкански војни, туку една, а другата била меѓусојузничка. Тоа е Втората балканска војна во која Бугарите „барајќи уши, ги изгубиле и роговите„. А, разликата во термините е огромна. Зашто, во составот на бугарската војска немало само Бугари, туку имало и Македонци, исто како што имало и во српската и во грчката војска, бидејќи тие насилно биле регрутирани. Во конкретниот случај, станува збор за војници од 11-тата Македонска дивизија, што со помош на бугарската страна била формирана во јануари 1915 година од мајорот Петар Дарвингов, броела 33.745 војници и подофицери и 326 офицери, а била дел од редовната бугарска армија. Дивизијата учествувала во борбите на фронтот кај Дојран, Кајмакчалан и Добро Поле, Битолско. Дека станува збор за Македонци, најдобро говорат и самите имиња и местата на нивното раѓање.
Натаму, фондацијата вели дека загинатите војници потекнуваат од сите области на денешна Бугарија и териториите на Стара Бугарија, одземени со Нејскиот договор и оти на чествувањето ќе присуствуваат млади од Југозападна Бугарија и Западните покраини. Е, сега кои се тие територии на Стара Бугарија или, пак, Западните покраини!? Ваква терминологија не постои во македонската историја. Исто како што не постои и став дека двете балкански војни за Република Македонија и Македонците биле ослободителни. Или, треба сето тоа да го прифатиме и како наше!? Заедно со натписот на главното спомен обележје „Бугаријо, за тебе тие умреа 1915-1918„!? Да затвориме очи и да се правиме слепи пред нескриените претензии, што завршуваат во Албанија, со инсистирањето дека и таму има бугарско малцинство, па веќе утре градоначалник на Пустец да биде некој едмонд темелков !? Од самите наведени бројки, пак, се гледа дека главното спомен-обележје е само од Првата Светска војна, а не и од Балканските војни, според македонската, односно Балканската и Меѓусојузничката војна, според бугарската историја.
Згора на се е протоколарната церемонија. За натписот „Бугаријо, за тебе тие умреа„ може да важи чисто бугарскиот протокол, ама за право, вистинско добрососедство мора добро да се осмислат сите чекори и постапки. Па и да станува збор за некоја приватна фондација.
Бугарија со години инсистира на реставрирање на, како што велат нејзините официјални претставници, бугарските споменици или спомен-обележја на територијата на Република Македонија. Ги набориле, околу 470 на број. За да не бидат било каква пречка во вистинското и искрено добрососедство постои начин прашањето да се реши. Годинава се навршуваат 100 години од завршувањето на Првата светска војна. Не знам дали и како Република Македонија се подготвува за тоа, ама знам дека една од церемониите ќе се одржи на сојузничките гробишта Зејтинлак кај Солун на која ќе присуствуваат претставници и на победниците и на поразените. Еве, токму тоа и токму и за победниците и за поразените нека биде повод за подигање на еден споменик на Кајмакчалан. Иницијатор нека биде Република Македонија, а средствата лесно можат заеднички да бидат обезбедени. И така со децении наназад се поставува прашањето зошто во Република Македонија нема споменик на загинатите македонски војници во Балканските и Првата светска војна.
За улогата на црквата во сето ова, во друга пригода. Бугарската историја го памети византискиот император Василиј Втори како Бугароубиец. Во иднина ќе си имаат и еден бугарољубец.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.