| четврток, 6 декември 2018 |

Договорот на Командант Хоџа мора да биде раскинат, издавање на безбедносен сертификат за него е кривично дело

Секој ден изминат со криминалниот картел во владата е нова трагедија за Македонија. Зоран Заев ја посрамоти државата и македонскиот народ. По два дена криење, Зоран Заев призна дека како надворешен соработник за безбедност и борбата против радикализмот си ангажирал човек од црната листа на САД, ставен таму токму заради неговото терористичко делување и ризикот кој што тој го претставува по безбедноста, изјави денеска на прес – конференција портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Зоран Заев му дава висока функција во Владата и месечно ќе му плаќа 36.000 денари на Џезаир Шакири, познат како Командант Хоџа, лице барано од странски држави со меѓународни потерници, вели Стоилковски кој додава дека ова е големо понижување и за граѓаните и за државата, но и за полициските службеници кои ги имаат загубено животите во борбата против ваквите екстремисти.

– Единствена референца на пријателот на Заев, Командантот Хоџа, е тоа што тој склучил политички договор со првиот човек на СДСМ да му го ослободи Танушевци, а за возврат на тоа да добие висока политичка функција во владата. Но кој го држел Танушевци заробено и каде се оружјето и лицата кои биле подготвени да се спротивстават на македонската полиција? Каква порака испраќа Заев до сите идни криминалци и насилници кои планираат да се закануваат и уценуваат?

– Владата не е приватна сопственост на Зоран Заев и криминалниот картел околу него. Договорот на Командант Хоџа мора да биде раскинат, а институциите мора да покажат храброст и волја да ги бранат интересите на државата. По признанието на Шаќири, мора да следи сериозна истрага и да се утврди кој се’ му помагал во заканите и со какво оружје се заканувал? Луѓето кои се закана по територијалниот интегритет и суверенитет на државата мора да се најдат зад решетки. Лицата кои се закана по безбедноста на граѓаните не смее да бидат дел од владата.

– Дали е Заев сериозен во намерите да му се издаде безбедносен сертификат од највисок степен „Државна тајна“ на лице за кое кружеа информации дека било вмешано во убиство на полициски службеник? Дали е Заев сериозен во намерите со својот советник за безбедност да ги споделува највисоките безбедносни тајни на државата?, прашува Стоилковски.

Како што потенцираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ги предупредува надлежните служби дека издавањето на безбедносен сертификат на Командант Хоџа, надвор од процедурите е кривично дело. Евентуалната таква постапка може да има сериозни последици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top