| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Боб Џејмс трио во Македонска филхармонија

Култниот музичар, композитор и продуцент Боб Џејмс пристигна во Скопје, каде вечерва со почеток во 19.30 часот ќе настапи во Македонската филхармонија заедно со Мишел Малацоло на бас и Патрик Вилијамс на тапани. Светската музичка критика го дефинираше овој пијанист како таткото на смут џезот, а одличен доказ за тоа е неговата вонвременска музика, над 50 издадени албуми продадени во милионски тиражи и неколку освоени „Греми“ награди. Вистински куриозитет е што многу негови познати нумери имаат извршено длабоко влијание врз хип хоп музиката, особено онаа од 80-те и 900те години, така што многу семплови од негови препознатливи нумери ги имаат превземено познатите хипхопери како Run – D.M.C., Eric B. & Rakim, LL Cool J, DJ Jazzy Jeff, Beastie Boys…

Концертната агенција и продукција „3 Гонга“, ексклузивно го најави гостувањето на овој светскиот мајстор на смут џезот, кој вечерва ќе настапи со неговото трио.

За неговиот тридневен престој во Скопје имаше можност вчеравечер да присуствува и на концертна свирка на македонскиот бенд „Кабадајас“ во клуб ресторанот МКЦ и да се запознае со дел од скопската музичка сцена, онаа во публиката и онаа на сцената.

– Минатата година настапував во Охрид со мојот бенд „Форплеј“. И навистина уживав во градот, за време на концертот и во гостопримливоста на луѓето. Еве ме сега во главниот град на вашата земја. Имам кусо време, но доволно за уште еднаш да се уверувам дека ова е прекрасна земја и луѓе со многу вкус, умешност и знаење за музиката. Нетрпелив сум вечерва да настапам со моето трио воМакедонската филхармонија. Па, се гледаме таму… – вели Џејмс.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top