| четврток, 6 декември 2018 |

Во Солун средба Димитров – Коѕијас

Во Солун во тек е средбата меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, информира Министерството за надворешни работи на својот налог на Твитер.

Димитров и Коѕијас се состанаа на маргините на третиот квадрилатерален состанок на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, што се одржува во Солун.

По средбата предвидено е Димитров да даде изјава.

Средбата е можност за продолжување на разговорите за решавање на долгогодишниот спор за името.

Иако, формално, преговорите за името се одвиваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, министрите Димитров и Коѕијас, се очекува повторно да ги отворат т.н. најтешки прашања, односно опсегот на употреба на името што ќе се договори и барањето на Атина за промена на македонскиот устав.

Коѕијас во повеќе наврати изјави дека „другата страна мора да сфати оти е неопходно да се согласи за ерга омнес“ што ќе овозможи да се постигне сеопфатен договор.

Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО.

Извор: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top