| четврток, 6 декември 2018 |

Авторски концерт на композиторите Темков и Иванов

Авторски концерт на композиторите Дамјан Темков и Филип Иванов ќе се одржи утревечер (5 мај) во 20 часот во Музејот на град Скопје. На концертот ќе прозвучат дела од двајцата композитори во изведба на Марија Вршкова, Гонца Богоромова – Краповски, Анастасија Грговска, Владимир Костов, Мартин Димитров, Бојан Талески и Паскал Краповски.

Дамјан Темков (1981) припаѓа во групата афирмирани македонски композитори. Средното музичко училиште го завршува на отсекот по пијано, а во 2006 дипломира во класата на Гоце Коларовски (негов последен дипломец). Во 2012 магистрира во класата на Сони Петровски и во текот на образованието е добитник е на повеќе државни награди по камерна музика, пијано и солфеж. Традицијата на освојување награди ја продолжува и со своите ученици од “ДМБУЦ – Илија Николовски – Луј” каде е вработен како наставник по композиција, музички форми и хармонија од 2007 година до денес. Истата година (2007) станува најмладиот постојан член на Сојузот на композитори на Македонија. Неговото творештво се состои од композиции за соло инструменти, вокални, камерни и симфониски дела, најголемиот дел изведени од страна на македонски, но и странски соло изведувачи и камерни ансамбли меѓу кои: Ѓорѓи Цинциевски, Нинослав Димов, Дејв Вилсон, Гудачки квартет Гајдов, Дуо Гелебешеви, Дуо Кировски, Гудачки квартет Бревис, Дувачки квинтет Сонорис, Битолски камерен оркестар, триото Арденца од Бугарија, ансамблот Археус од Романија и др. Меѓу позначајните негови соработки се вбројуваат трите изведби на дела со македонската филхармонија од кои последната во 2016, е со композицијата Apple T(h)ree, наградена на Конкурсот за македонски класични композиции, а под диригентската палка на маестро Емил Табаков. Покрај изведбите во нашата држава, неговите дела се изведувани во Англија, САД, Кина, Германија, Норвешка, Италија, Бугарија, Романија, Црна Гора и др.

Филип Иванов (1992) средно музичко образование завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”. Дипломира композиција на факултетот за Музичка уметност – Скопје, во класата на проф. Сони Петровски. Иванов е еден од најистакнатите композитори на младата генерација, чии дела се постојано присутни на македонската музичка сцена и во странство. Голем број од неговите композиции се наградени на конкурси распишани од Министерството за култура на Р. М. Тој е изведуван на концертните и дипломските испити на студентите на “Факултетот за музичка уметност” во Скопје, а и на учениците од ДМБУЦ “Илија Николовси -Луј”. Иако млад, опусот на овој композитор е прилично богат, автор е на повеќе солистички, камерни и оркестарски дела. Неговиот стил на компонирање се заснова на принципите на апсолутната музика (слободна, потполна, независна, чиста инструментална музика без програма или програмски наслови).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top