| четврток, 6 декември 2018 |

Спорот за името се сведе на еден уставен амандман

Грција бара Македонија да усвои амандман во Уставот со кој би се решил спорот за името, открива професорот Тони Дескоски за Алфа. Не се бара од нас измена на ниту еден член на Уставот, бидејки измената е направена уште на 6 јануари 1992 година, пред мислењето на Бадентеровата Комисија и е верифицирано со времената спогодба, вели професорот.

Јазот кој се продлабочува меѓу двете страни и го влече решението околу спорот за името е тоа што Грција барала со амандманот да се потврди внатрешната употреба на новото име, додека пак македонската страна се држи само до меѓународна употреба на новото име на државата.

– Промената на Уставот се бара во форма на уставен амандман, којшто Грција бара да гласи е – името на оваа држава е Република Горна Македонија и со тоа се заменуваат сите членови, каде што се употребува тоа име. А нашата страна веројатно ќе мора она што го предлага е амандман со содржина – името на нашата држава во меѓународни односи е Република Горна Македонија. Значи тоа е разликата меѓу нас и Грција во овој момент, вели професор Тони Дескоски.

Професорот Дескоски беше дел од македонската екипа во судскиот процес против Грција во меѓународниот суд на правдата во Хаг. Судот тогаш одлучи дека Грција ја прекрши Привремената спогодба од 1995 година. Сега Грција бара Македонија да усвои уставни промени кои ќе гарантираат некоја идна Влада нема да го промени државниот став.

Преку фејсбук статус се огласи и поранешниот портпарол на Владата и на екс претседателот Бранко Црвенковски, новинарот Зоран Иванов. Тој бара да се објасни дека ерга омнес е идентитетско име на државата а не на народот. Нацијата , пасошот, другите акти и документите па и самиот Устав се само употребни алатки за идентификација- а не идентитет, напиша Иванов.

– Да го смениме насловот на Уставот и именките во него, да ги зачуваме придавките како идентитетски белези, на Грција да и го дадеме ерга и конечно на Македонија, на граѓаните, да им се отвори патот за НАТО и за ЕУ, додека не ни ја снемало државата, додека не бидеме Македонци без институции како од пред АСНОМ 44та, пишува Иванов.

Какви промени ќе се договорат, допрва ќе се види. Во меѓувреме преговорите течат. Денеска и утре министерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, учествува на третата по ред квадрилатерална средба на министрите за надворешни работи на Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, што се одржува во Солун. Средба на министерско ниво ќе има и наредната недела во Сунио, во близина на Атина – во рамки на Конференција за иднината на Европа каде повторно на заедничка маса ќе седнат Димитров и Коѕијас.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top