| четврток, 6 декември 2018 |

„Препорака од ЕУ заради одење на работа?!“

 Никола Србов

Неодговорно и понижувачки е кога Владата ги лаже граѓаните како дадениот збор на министрите со кој се обврзале да се појавуваат на своето работно место, резултирало со враќање на препораката за почеток на преговорите со Европската Унија. Секако, на јавноста ѝ беше соопштено дека Европската Комисија ни ја вратила препораката благодарение на „реформскиот“ замав кој го има фатено Владата исполнувајќи ги „клучните реформи“ од планот 3-6-9. А планот го содржи токму тоа, ветувања дека министрите ќе мора од време на време да се појавуваат на своето работно место, дека институциите меѓусебно ќе комуницираат, дека администрацијата ќе ги исполнува задачите кои ѝ се во опис на работно место и слично.

Во воведот од четвртото поглавје на планот, кое се однесува на именувања, планерите и стратезите запишале: „Владата се обврзува да ги почитува во целост законските процедури и критериуми при именувањето на лица на раководни позиции како и членови на управни и надзорни одбори…“. Во овој дел Заев и Османи на јавноста ѝ соопштуваат дека тие како власт се обврзуваат да ги почитуваат законите на државата со која раководат. Прашањето е: дали смее да биде поинаку?

Во истото поглавје во следната точка е запишано: „Продолжување на консултациите со Претседателот на РМ за пополнување на испразнетите места во дипломатско – конзуларните претставништва. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО“. Во оваа точка власта ни укажува дека министерот за надворешни работи ќе продолжи да комуницира со Претседателот на државата, што е пак пракса од основањето на државата.

Во точка 2 е запишано: „Избор на Јавен обвинител. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО“. Избрале Јавен обвинител. Изборот на Јавен обвинител ни го протнуваат како „реформа“ небаре досега државава функционирала без Јавен обвинител.

Во точка 3 е запишано: „Избор на членови на Уставен суд. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО“. Избрале тројца судии. Исто како и со Јавниот обвинител и во оваа точка власта ни укажува дека избор на судии е „клучна реформа“.

Во точка 4 е запишано: „Избор на членови на советот на јавни обвинители. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО“. Избрале двајца нови обвинители.

Во точка 5 е запишано: „Именувања на лица на раководни позиции преку транспарентна и конкурентна постапка во согласност со правната рамка“. Владата ги смета граѓаните за недоветни укажувајќи им дека именувањето на лица без транспарентна и конкурентна постапка не е во согласност со законот, па ете, тие се решиле тоа да го прават согласно законот.

Во точка 7 е запишано: „Избор на судии за испразентите места. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО.“ Со оваа „клучна реформа“ биле избрани судии на испразнетите места.

Можеби ви звучи смешно и заморно, но планот 3-6-9 зема уште поголем „реформски“ замав во шестото поглавје.

Во воведот од шестото поглавје е запишано: „Владата цени дека борбата против организираниот криминал и корупција ќе биде ефикасна доколку истрагите се иницираат и водат на законит начин, според принципите на објективност и непристрасност“. Замислете, Владата ценела дека истрагите треба да се законски, објективни и непристрасни.

Во точка 7 од шестото поглавје е запишано: „Потпишување на меморандум за размена на информации за потребите на истрагите помеѓу МВР, Јавното Обвинителство и Оосновниот Суд. Статус на реализација – РЕАЛИЗИРАНО“. Потпишале Меморандум на 10.11.2017 година со кој институциите си дале збор дека меѓусебно ќе комуницираат, нешто што е пракса од создавањето на модерните држави уште во 19 век.

Секогаш постоела јасна дистинкција помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во нивниот осет за крупните државни прашања. Доволно е да се направи компарација на делувањето на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ кога се во опозиција за да се дојде до заклучоците. Деструктивната политика на СДСМ додека беше во опозиција блокирајќи ги институциите на системот, доведе до условување на препораката и нејзино одземање последните две години. Од друга страна, конструктивноста на ВМРО ДПМНЕ кон крупните прашања за државата додека е во опозиција доведе до враќање на препораката. Тоа е таа конструктивност која сите ја зборуваме. ВМРО ДПМНЕ не е спремна да ја урива државата со цел да го урне Заев, ВМРО ДПМНЕ е конструктивна за напредокот на државата за која всушност и постои како политичка партија.

Едноставно, Унијата не дава препорака затоа што министрите на Заев се обврзале да одат на работа или дека меѓусебно ќе комуницираат. Унијата дава препорака за напредок и функционалност, напредок и функционалност кои претходните години беа блокирани од деструктивната политика на тогашната опозиција, а денеска овозможени од сегашната опозиција. Затоа и ни беше вратена препораката за старт на преговорите.

„Фобија“ и „опседнатост“

Прашање е дали македонската интеграција стана заложник на интеграцијата на други држави? Дали Македонија со исполнети услови за почеток на преговорите била ставена на коцка заради неисполнетите услови на Албанија? И кој свесно ја направил државава зависна од друга држава?

Информацијата дека постои договор помеѓу Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати и македонскиот Вицепремиер за евроинтеграции, Бујар Османи, за прилагодување на динамиката во спроведувањето на реформи во Македонија, односно нејзино успорување, а со цел да не се направи голема диференција во исполнетите услови помеѓу Република Македонија и Република Албанија, со што би имало можност Македонија да добие препорака а Албанија да не добие, си бара одговорност а не празни флоскули за нечија опседнатост со Албанците. Одлично е што и двете држави добија препорака за старт на преговорите, но што ќе се случеше доколку и двете држави не добиеа препорака заради свесното кочење на реформите во Македонија? Дали тогаш за Османи и за Заев повторно ќе беше виновна ВМРО-ДПМНЕ? Можам да ги замислам насловите во медиумите.

Споделувањето на информацијата во јавност и барањето одговорност, вообичаено, Османи ја препиша на наводната опседнатост на ВМРО ДПМНЕ со Албанците – флоскула која веќе 10 години ја повторуваат СДСМ и ДУИ. Веќе е депласирано да се зборува или објаснува за некаква „опседнатост“. Својата грешка во соработката со ДУИ, ВМРО ДПМНЕ ја увиде веднаш по парламентарните избори во 2016 година но веќе беше доцна. Стана јасно дека жители на село населено претежно со Албанци кога прашувале зошто нема пат и се наоѓаат во кал до колена, од ДУИ добивале објаснување – „во кал сте до колена бидејќи ВМРО мрази Албанци“. Мора вака да симплифицирам бидејќи ова е вистината. Ваквата политика на ДУИ ќе замина во историјата заедно со кадрите кои изградија цели политички кариери на слоганот „ВМРО и Груевски мразат Албанци“.

Информацијата за меѓусебна координација и прилагодување на динамиката на реформи е уште поскандалозна ако се додаде фактот дека на состанокот на кој се одлучувало дали Македонија да добие препорака постоела реална опасност Македонија да не ја добиеме препораката бидејќи расположението било – или двете ќе добијат или ниту една нема да добие. Замената на тезите дека ние сме албанофоби, бидејќи не сакаме Бујар Османи да не врзува и условува со некоја друга држава, паѓа во прилично длабок бунар бидејќи „фобот“ во приказнава е Османи кој бил спремен да ја жртвува препораката на Македонија работејќи во интерес на друга држава, без разлика дали таа држава била Албанија или Шведска. Затоа беа реакциите од Николоски изминатиот период. Реакции во кои Бујар не беше обвинет за патолошка опседнатост со Македонците и не беше оквалификуван како македонофоб, туку едноставно, му беше посочено да не ја условува државава со судбината на други држави бидејќи за напредокот на Македонија се зинтересирани сите граѓани.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top