| четврток, 6 декември 2018 |

Таткото на смут џезот, Боб Џејмс со два концерти во Скопје

Концертната агенција и продукција „3 Гонга“, ексклузивно го најавува светскиот мајстор на смут џезот, пијанистот Боб Џејмс (Bob James) со неговото Трио во сабота на 5 мај со два последователни концерти, првиот со почеток во 19.30 часот, а следниот, истата вечер, со почеток во 22 часот на сцената на Македонската филхармонија. Боб Џејмс ќе настапи заедно со Мишел Палацоло на бас и Патрик Вилијамс на тапани.

Неговата вонвременска музика, неговите над 50 издадени албуми продадени во милионски тиражи и фактот дека многу негови познати нумери имаат извршено длабоко влијание врз хип хоп музиката, особено онаа од 80-те и 90-те години, така што многу семплови од негови препознатливи нумери ги имаат преземено култните Run – D.M.C., Eric B. & Rakim, LL Cool J, DJ Jazzy Jeff, Beastie Boys… го дефинираат Боб Џејмс како „татко“ на смут џезот на модерното време.

Џејмс уште на четири години возраст научил да свири пијано. Но, неговиот неприкосновен талент го открива подоцна Квинси Џонс, додека Џејмс студирал музика на прочуениот „Беркли колеџ“ во Бостон. Во тоа време, Боб Џејмс имал свој бенд со кој музицирале фри џез и на натпреварот, каде Квинси Џонс бил во жири комисијата, џез бендот не само што ја освоил првата награда, туку за кусо време Џонс му договора на Боб Џејмс да го издаде својот прв албум за Mercury Records, кој бил продуциран од самиот Квинси. Овој албум бил многу поразличен од смут џезот по кој подоцна станува прочуен во светот Боб Џејмс.

Овој извонреден музичар го продолжува своето музичко патешествие како соло артист, кој постојано соработувал со звучни светски имиња од музичката сцена. Од повеќе номинации добитник е на неколку „Греми“ награди, а во 1990 година тој го формира својот квартет за современ џез Форплеј (Fourplay). Во 2015 година квартетот одбележа 25 години од своето постоење, во меѓувреме имаат издадено преку десетина албуми со милионски тиражи и имаат настапувано буквално низ сите континети од светот.

Денес тој настапува низ целиот свет со своето трио и неговиот концертен настап во Скопје е дел од неговата голема светска турнеја.

Во текот на својата долга и разнолика музичка кариера и како соло артист и како дел од неговиот квартет и трио Боб Џејмс има издадено преку 50 албуми.

Билетите се во продажба преку мрежата на „Купи Карти За Се“ и на билетарата на Македонската филхармонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top