Македонскиот премиер Зоран Заев треба да конкурира за Гинисовата книга на рекорди или за рубриката Верувале или не. Дефинитивно. Неговата желба да не бидеме понижени како граѓани, како народ и нација во разрешувањето на проблемот, што соседна Грција го има со името на нашата држава, траеше само три дена! Да, замислете, цели три дена. Од едно до друго интервју. Едното, во средата, за Бугарската национална телевизија, што на порталите беше пренесено во четвртокот, и другото, во саботата, за Радио Слободна Европа, пренесено во неделата. Не знам, можеби за некого и тоа претставува успех со оглед на претходно прокламираните ставови дека некогаш треба и да се свитка кичмата. Секако, ако ја имаш како човек, уште повеќе како политичар или премиер на една држава, па била таа и само со два милиона жители. Навистина, постои ли во светот друг политичар со толку кратко времетрање меѓу прокламирана гордост и достоинство и срам и понижување?
Но, што изјави за БТВ премиерот Заев. Во еден дел од интервјуто, меѓу другото, тој вели дека е многу важно дома да не бидеме понижени.
„Кога влеговте во оваа зграда, однадвор пишува Влада на Република Македонија. Да не се бара тоа да го промениме“.
Значи, логика-антилогика! Надвор, пред светот и пред сите оние 140 држави, што не признале како Република Македонија, може да бидеме понижени со промена на уставното име, ама дома не! Никако! Демек, затоа нема менување и на Уставот. Колку гордо, храбро и достоинствено од негова страна. Дури и изненадувачки. Ама од каде сето тоа? И уште еднаш логика-антилогика. Затоа што интервјуто го дал во зградата на Владата на која стои и името на државната институција. А, што ако ја повикал екипата на бугарската телевизија во неговиот пашалак во комплекстот Цареви Кули. Таму сигурно не пишува Влада на Република Македонија. Е, тогаш, според антилогиката, ќе може да бидеме понижени и дома. Зашто, според премиерот Зоран Заев, важен е називот на институцијата, а не почитувањето на Уставот на државата Република Македонија од што произлегува и самиот назив!? Да чита човек и да не верува во тоа што го чита!
За жал, ова не беше единствениот „бисер“ на премиерот во истото интервју. На новинарското прашање дали разговарал со некој од бугарските колеги во врска со евентуално ново име на земјата тој рекол: „Не. Мислам дека иако имаше некои јавни изјави, конечно стана јасно дека, во суштина, тоа и не е важно. Ние делот на оваа историска Македонија, која е во Бугарија, го признавме како бугарски дел и тука нема никакви дилеми. Ние го нарекуваме Пирински дел, зашто Пирин е најголемата планина, но таму живеат граѓани на Бугарија, од кои некои се чувствуваат Македонци и тоа е нивно право. И немаме таков проблем“.
Очигледно, премиерот Заев не е дециден на кого и што мисли кога вели- ние. Дали на Република Македонија како држава, дали на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, што лани ги потпиша со својот колега Бојко Борисов, или, пак, на некогашната ју-федерација, во која СР Македонија беше нејзина рамноправна федерална единка. За што и да станува збор, сепак едно е факт-државите се признаваат меѓусебно! Тие не признаваат делови од држави или нивни региони. Дотолку повеќе што Пиринскиот дел на географска Македонија, што се наоѓа во Република Бугарија никогаш, како таков, не бил спорен, ниту, пак, некогашното Кралство Југославија, СФР Југославија и самостојна Република Македонија манифестирале било какви територијални претензии спрема него. Да, нормално, во рамки на Народна Република Бугарија, бил дел од преговорите за евентуално формирање некаква балканска федерација според принципот 1 плус 1 или 6 плус 1 по завршувањето на Втората светска војна. И во таа насока може да се размислува што се би се случило да не дошло до Резолуцијата на Информбирото. Но, тука спорно е нешто друго. Спорно е бугарското непризнавање на постоењето Македонци во Пиринскиот дел на Бугарија од кои токму премиерот Заев се откажа со потпишувањето на Договорот за добрососедство. Некој може да забележи дека од историја не се живее, ама, сепак, треба барем по нешто и да се знае. И навистина паѓа чудно цела една булумента владини пи-ар стратези и советници, платени со пари на граѓаните, да не можат да го подготват премиерот за едно обично интервју. Во кое нема да се срами, да не кажам брука и пред меѓународната и пред домашната јавност со непознавање на основни, елементарни работи.
И во стилот на вицот со кокошката која не сакала да изгледа лесна женска пред петелот, па продолжила да трча уште два круга околу гумното, како шлаг на тортата дојде интервјуто за Радио Слободна Европа, токму во делот на (не)понижувањето и неменување на Уставот во преговорите со Грција. Премиерот, меѓу другото, вели „Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија“.
Што да каже човек, а да не заплаче! Значи, не станува ниту збор за тоа дали нема да бидеме понижени не само надвор, туку и дома, ниту за тоа дали ќе има или не промена на Уставот, а со тоа и на уставното име. Станува збор само за тајмингот кога тоа ќе биде сторено. Ако членството во НАТО и ЕУ значи, меѓу другото, почитување на одредени вредности, тогаш може ли да се постави прашањето што е вистинска вредност-понижувањето или гордоста?! Одговорот е еден, единствен и едноставен. Само, како утре нашите војници, во рамките на НАТО, ќе маршираат заедно со своите колеги од другите држави- членки носејќи го знамето на Република…?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст