| четврток, 6 декември 2018 |

Двегодишниот Алфи ја загуби најважната битка

Двегодишниот Алфи Еванс не ја издржа правната битка, почина синоќа во детската болница „Алдер Хеј“ во Ливерпол, четири дена откако беше исклучен од апаратите кои го одржуваа во живот.

Неговите родители четири месеци се обидуваа да го префрлат во детска болница во Италија, со цел, таму да продолжи неговото лекување, за што директно се заложи и Папата Франциск. Малиот борец во понеделникот доби италијанско државјанство, но, според докторите во Велика Британија, каков било понатамошен третман, за Алфи би значел мачење и би било нехумано.

Тој боледуваше од ретка невродегенеративна болест која доведе до прогресивно слабеење на мускулите кај 23 месечниот Алфи, а во август минатата година, претрпе и сериозни оштетувања на мозокот, по што докторите во Ливерпул заклучија дека болеста е во далеку поодмината фаза и понатаму не може да се лекува.

– Мојот гладијатор го положи својот штит и ги рашири неговите крилја во 2 часот и 30 минути. Срцето ми е целосно скршено, те сакам, мал човеку“ – напиша Томас Еванс , татко на Алфи.

Последните неколку месеци, како што изјавуваше таткото на Алфи, Томас Еванс, беа пеколни во справување со здравствениот и правниот систем во Велика Британија и настојувањата бебето да се лекува во Рим. Неговите родители ги изгубија сите спорови во британските судови, по што Томас изјави дека Велика Британија го осуди неговиот син на смртна казна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top