| четврток, 6 декември 2018 |

Лажните обвинувања контра логиката: Груевски не можел да знае ништо пред самите сценаристи Груби и Шекеринска

Изјавата на пратеникот на ДУИ Артан Груби дадена во емисија на телевизијата Алсат М дека тој и Радмила Шекеринска го разработиле планот изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието да се случи токму на 27 април фрла ново светло врз обвинувањата на власта дека зад немилите настани стојат ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на партијата Никола Груевски.

-И на крај контактиравме јас и Радмила Шекеринска вечерта на 26 април и се согласивме утрото на 27 април да се сретнеме со јасни упатства, таа од Заев и јас од Ахмети. Се сретнавме во Клубот на пратениците на 27 април и се согласивме дека тој ден ќе го спроведеме сценариото кое го имавме подготвено многу порано со сите текстови и сценариото за изборот на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери. Подоцна ни се придружи и Заев, кој потврди дека тој ден ќе го направиме тоа и рече дека ќе најави прес-конференција, рече Груби.

За волја на вистината, црниот четврток, како што го нарекуваат 27 април, според изјавите на Груби, бил испланиран во Клубот на пратениците, а не во Виена, каде што во тој момент престојуваше службено Груевски.

Во јавноста се пласираа невистини дека Груевски, односно неговиот телохранител, го испланирале упадот на незадоволниот народ во Собранието во 14.30 часот на 26 април, практично во истото време кога Груби и Шекеринска телефонски се договарале да се сретнат утредента во Клубот на пратениците.

Заев и Ахмети го договориле, а Шекеринска и Груби го спровеле сценариото за 27 април (ВИДЕО)

Овие невистини ги негира и самиот Груевски, но и логиката на нештата – за да може ВМРО-ДПМНЕ да подготви народ за упад во Собранието, треба претходно да учествува во планот за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, што е надвор од секоја памет. Во тој момент, според Груби, ниту главните сцентаристи немале прецисирано како и кога ќе делуваат.

-Да имаше „Д“ од доказ против мене, јас одамна немаше да бидам тука. Што не значи дека тие што ги уапсија се виновни. Апсолутно и тие не се виновни, но го понесоа товарот за овој случај, изјави поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарсо прашање по завршувањето на првото рочиште за предметот на СЈО „Титаник“.

Груевски рече дека разговарал со својот телохранител, кој му рекол дека дента на 27 април 2017 разговарал само со сопругата и со братот за семејни работи и немало ништо повеќе од тоа.

– Ги повикувам ако имаат било каков доказ против мене, веднаш и без двоумење да го објават, рече Груевски, додавајќи дека членот на неговото обезбедување е брат на Александар Василевски Нинџа, кој е обвинет за настаните во собранието од 27 април минатата година.

Груевски: Во обвинението не пишува дека мојот телохранител нарачал инцидент, но медиумите објавија нарачана невистина

Дваесет и седми април е настан што не требаше да се случи, но за жал се случи. Голема вина за случувањето има постапките во Парламентот што претходно беа направени и начинот на кој што се правеа. Неуставното, незаконското и неделовничко бирање на претседател на Парламентот. Можеше тоа да се направи и уставно и законски и деловнички, но мнозинството во Парламентот одлучи тоа да биде незаконски, тоа да биде неделовнички, неуставно. Груевски беше првиот политичар кој реагираше јавно.

https://republika.mk/767998

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top