Вчера, во свечениот амфитеатар на МИТ Универзитет Скопје, беше промовирана книгата „Македонија и Балканот: либерален поглед на национализмот и идентитетите“ од Благој Цонев, доцент по политички науки и меѓународни односи. Промотори на книгата беа проф. д-р Тони Дескоски и проф. д-р Нано Ружин, а книгата е во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Книгата на д-р Цонев се појавува во еден многу значаен општествен момент за Р. Македонија, кога навидум се прекршува две и полдеценискиот спор за името на нашата земја со соседна Грција, спор што сериозно го обременува нашето битисување и станува сериозна пречка за напредокот на нашата земја“, изјави проф. д-р Тони Дескоски на промоцијата. „Најтопло ја препорачувам оваа книга, не само на научната јавност туку и на пошироката читателска публика.“
„Секој што ќе ја прочита книгата ќе испрати грст комплименти за умешноста, научниот пристап и квалитетно изработениот труд под менторство на најдобриот познавач на меѓународните односи кај нас, проф д-р. Денко Малески“, истакна проф. д-р Нано Ружин. Тој во своето излагање се осврна и на феноменот на иконографиите во контекст на национализмот и националниот идентитет, додавајќи дека создавањето на нови иконографии со националистичка конотација треба да престане.
Авторот Благој Цонев во своето обраќање истакна: „Се надевам дека модерната либерална идеја ќе продолжи понатаму да надвладува, особено за младите генерации. Ако генерацијата на проф. Малески се трудеше на светот да му објасни дека ние не сме племе, генерациите на проф. Дескоски и проф. Ружин сè уште се обидуваат на светот да му покажат дека ние сме овде и постоиме и дека треба некој да нè слушне, мојата генерација се обидува да покаже дека не сме сите конзервативни и затворени, дека меѓу нас има и луѓе со либерални погледи и со отворени визии. Се надевам дека идните генерации ќе го спроведат либерализмот за кој се залагам. Македонија нема да ги живее последните денови како Република Македонија, туку како феникс ќе воскресне и ќе биде една модерна и либерална нација и држава во која е пријатно да се живее“.
Книгата „Македонија и Балканот“ претставува плод на шестгодишно истражување за влијанието на национализмот, идентитетите и културата во односите помеѓу балканските држави. Книгата има цел на читателот да му овозможи нов поглед врз перцепцијата на македонскиот идентитет, отворајќи нови видувања за тоа како идентитетот на нацијата не е (нужно) поврзан со државата и со државноста, односно како тој не смее да ја измести државата како основен субјект на меѓународното право. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Благој Цонев има докторирано меѓународни односи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и е доцент по политички науки и меѓународни односи на МИТ Универзитет Скопје. Неговата докторска дисертација „Националниот идентитет и односите на Република Македонија со соседните држави“ ја дава основата и на неговата книга „Македонија и Балканот: Либерален поглед на национализмот и идентитетите“. Авторот има објавено десетина научни трудови во кои се обработува тематиката за национализмот и неговото влијание на односите помеѓу балканските држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст