| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска 100. изведба на „Цветната улица“ во Театарот за деца и младинци

Претставата „Цветната улица“, во режија на Наташа Поплавска, денеска ќе ја има својата стота изведба во Театарот за деца и младинци.

Во таа чест, во 10 часот ќе има дневна изведба, организирана за ученици од основни училишта, а вечерната изведба од 19 часот е за редовната публика.

„Цветната улица” е проект на ТДМ, Делегацијата на Европската Унија во Македонија и на независната театарска куќа „Арт Медиа“ од Скопје.

Премиерата беше во јуни 2012 година.

Драматизацијата е на писателот за деца Киро Донев, а основата на текстот е направена според брошури на Европската Унија, наменети за подигање свест кај најмладите во доменот на екологијата и заштитата на животната околина.

Во претставата првично играа Владимир Лазовски како Раскажувачот, Марија Ѓорѓијовска како лисицата Лила, Мики Анчевски во улогите на Армандо и Бени, Емра Куртишова како Флора и Бојан Кирковски во улогата на Том. Лазовски минатата година стана заменик-министер за култура и затоа во претставата влезе Ненад Митевски како Раскажувачот.

Кореографијата е на Олга Панго, сценографијата е на Емил Петров, музиката на Џенгиз Ибрахим, а костимите на Александар Ношпал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top